(ВИДЕО-ФОТО) Западен Балкан ја надигра ЕУ со резултат од 4:2
Во рамки на Самитот за западен Балкан во Виена политичарите преминаа и на фудбалскиот терен одигрувајќи натпревар во кој учествуваа претставници од ЕУ и идни членки.
Балканците убедливо ја победија екипата на ЕУ, со резултат 4:2.
[embed width="700" height="450" ]https://youtu.be/99gDjHLStYM[/embed]После тешките теми на состаноците во Виена, рамо до рамо на фудбалскиот терен се најдоа премиерот Никола Груевски, шефовите на дипломатијата на Косово, БиХ и Црна Гора Хашим Тачи, Игор Црдак и Игор Лукашиќ и од српска страна министерот за енергетика и рударство Александар Антиќ.
Заигра и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилоановиќ.
Тимот на „ЕУ“ го предводеа премиерот на Словенија Миро Церар и австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц.
На голот на претставниците од Балканот беше Александар Антиќ.
Премиерот на Србија Александар Вучиќ го бодереше од трибините.
„Не играм бидејќи не знам да играм фудбал. Да се работеше за шах би играл“, го објасни изостанокот во тимот „Идни членки“ премиерот Вучиќ, кој пред состанокот добил подарок дрес со број 11.
Иако српскиот министер објаснил дека се занимавал со фудбал додека бил млад, но дека никогаш не бил во улога на голман, шансата да го докаже својот квалитет ја имаше уште на почетокот, кога се најде очи во очи со министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц, кој ја помина средината на теренот.
Ладнокрвноста и присебноста биле на страната на Антиќ кој со одлична интервенција успеал да го натера австрискиот шеф на дипломатијата да шутира покрај голот.
Свилановиќ се покажа овој пат во одбрана кога со клизечки старт му помогна на Антиќ и спречи „зицер“ на „ЕУ“, што предизвика голем аплауз кај публиката.
Правдата на терен, всушност крајот на аут-линијата, ја делеа европскиот комесар Јоханес Хан и претседавачот на ОБСЕ, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.
Играч со најмногу фудбалско искуство, премиерот Никола Груевски, го доведе тимот на „Идни членки“ во водство после пасот од Тачи, а со водство отидоа и на заслужена пауза.
После паузата истиот тандем го зголеми резултатот на 2:0 во корист на „Идните членки“.
Тачи и Груевски дејствуваа како уиграна двојка.
Беким Чолаку, косовскиот министер за европски интеграции, со соло пробив уште еднаш ја матираше „ЕУ“ и „Балканците“ ја зголемија предноста на 3:0.
Антиќ повремено повикуваше на внимание предупредувајќи и своите соиграчи да се вратат во одбрана.
Меѓутоа повредата на рачниот зглоб, здобиена на натпреварот, го натера српскиот министер да го напушти теренот, откако Јохан Сатлер, Раководител на Секторот за Балканот, во Министерството за надворешни работи на Австрија го постигна првиот гол за „ЕУ“ и да го намали резултатот на 3: 1.
Антиќ, кој на голот го замени Свилановиќ, теренот го напушти со аплауз од публиката, која ја пофали неговата фудбалска уметност.
Свилановиќ во два наврати со одлична парада го спаси голот на „Идните членки“.
Тимот на „ЕУ“ не успеа да ја наметне својата игра, па Чолаку постигна уште еден погодок, со што „Идните членки“ повторно го зголемија водството на 4:1.
Пред самиот крај на средбата, генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Австрија Михаел Линхарт, ја намали предноста на Балканците на 4:2.





