(ВИДЕО-ФОТО) РАСПУКАНИ ПАТИШТА И ЖРТВИ: Трагедија во Грција по силниот земјотрес
Две жени загинаа, а најмалку четири лица, помеѓу кои и две деца, беа повредени за време на силниот земјотрес со епицентар до остров Лефкада утринава. Едната од жените, на 64-годишна возраст загинала откако врз неа се урнал ѕидот од нејзиниот дом, соопштува „grreporter.info“.
Трагичниот инцидент се случил во селото Понте, поради уривањето на голема карпа, која паднала со сила врз ѕидот на куќата, и смртно ја повредила жената.
[embed width="700" height="450" ]https://youtu.be/EPxzmNwobPU[/embed]Малку подоцна заменик-гувернерот на Лефкада, Дионисис Халикис ја потврди смртта на втора жена, овој пат во село Атани каде штетите се огромни. Жената загинала во домот поради колапс.
Досега во болницата во градот Лефкада се прифатени четворица полесно повредени. Тие се 88-годишна жена од селото Пинакохори, момче на 10 години од регионот на Лигја, маж на 45 години од Левкада и момче на 12 години од Василико.
Во меѓувреме асистент по геологија на универзитетот во Патра, Евтимиос Сокос изјавил дека сеуште е многу рано да се процени дали утринскиот потрес со интензитет од 6,1 степени според Рихтеровата скала е главен.
„Треба да почекаме неколку часови, дури и денови за да бидеме сигурни дека денешниот земјотрес бил главен“, изјавил тој за атинската новинска агенција „AMNA“.
Сообраќајот на патиштата е отежнат, а на места целосно во прекин.
Епицентарот на секундарниот земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала, кој се манифестира два часа по првиот голем земјотрес се наоѓа на 23 километри од градот Лефкада и е со фокусна длабочина од само 2 километри. Според претседателот на Канцеларијата за антисеизмично планирање и заштита Евтимиос Лекас, до моментов се регистрирани 20 потреси со магнитуда над 2,5 степени според Рихтеровата скала.
На островот веќе се наоѓаат екипи од сеизмолозите и инженерите, како и заменик-директорот на Противпожарната служба, како и специјални тимови за спречување на последиците од природни катастрофи.
Во исто време властите не ги потврдуваат гласините за присуството на трета жртва. Според директорот на Цивилната заштита во областа Јонски Острови, Вангелис Андреатос станува збор за човек кој бил затрупан помеѓу урнатините, но успеал да излезе и да се спаси. Тој го повика Генералштабот на грчката армија да испрати во Лефкада шатори и вреќи за спиење.
Во Лефкада има стравувања дека бројот на жртвите може да се зголеми, бидејќи има многу уривање на карпи во близина на населени места во целиот јужен дел на градот. Во 13.00 часот спасувачките екипи на Противпожарната служба сеуште не биле стигнати до село Атани каде разурнувањата се опишуваат како „огромни“.
Во аматерско видео жител на село Карин ја покажа ситуацијата во регионот по земјотресот. Жителите се наоѓаат на отворено во центарот на селото, а по околните патишта има одрони и паднати големи карпи кои го попречуваат движењето. На места патот е рапукан од потресот.
[embed width="700" height="450" ]https://youtu.be/L4RJg-5JpaY[/embed]



