(ВИДЕО) АПСЕЊА ВО КОСОВСКА МИТРОВИЦА: Вучиќ обвини дека од КФОР намерно лажеле
Апсења денеска имаше во Косово.
Специјалните единици на косовската полиција уапсија 4 лица под сомнение дека се вмешани во убиството на еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ.
За полицијата акцијата е успешна затоа што е запленето оружје и други докази. Градоначалникот на Косовска Митровица, Горан Ракиќ изјави дека се уапсени полицаецот Драгиша Марковиќ и Саша Чуричиќ. Припадниците на РОСУ упаднале во нивните станови, ги удирале со пушки и со нозе, а потоа се однесени во непознат правец, обвинува градоначалникот. Прво кои сведочеа за акцијата се очевидците.
Со реакција за акцијата на Твитер се огласи и косовскиот премиер Рамуш Харадинај. Вели дека акцијата е комплетно законска и не требало да се дава каков и да е политички контекст.
Веста за апсењата брзо стигна во Белград, по што српскиот претседател Александар Вучиќ итно ги повика шефовите на војската и полицијата. Во меѓувреме и премиерката Ана Брнабиќ ги откажа сите планирани активности и утринава е кај српскиот претседател Вучиќ, каде заминала по итната седница на Владата на која се расправало за инцидентите во Косовска Митровица.
Вучиќ изјави дека силите на КФОР, односно на НАТО, намерно ја лажеле целата јавност, пренесуваат српските медиуми.
„Упадот на единиците на РОСУ во Северна Митровица покажа дека силите на КФОР, односно на НАТО, намерно ја лажеа целата јавност и денес на сите им е јасно по чиј налог и во спрега со кои сили претставници на НАТО лажеа“, кажа тој.
Според последните информации во северниот дел на Митровица има километарска клона од возила на локалните Срби кои протестираат по акцијата.
Мирни протести се најавени и во Зупче, како и на граничните премини меѓу Косово и Србија, Јариње и Мердаре.
Српскиот министер за враќање во косовската влада Далибор Јевтиќ изјави дека „сѐ оди кон тоа да се предизвика конфликт“. Тој додаде дека е симптоматично тоа што акцијата е извршена на ден кога се закажани мирни протести во Косовска Митровица, Грачаница и Штрпац поради воведувањето на царините од 100 отсто на стоката од Србија и БиХ.
