Вицепремиерот Димовски не се согласува со Законот за пушење: Рестриктивен е и ќе ги избрка келнерите во Хрватска и Црна Гора
Љупчо Димовски, вицепремиерот за политички систем, синоќа во емисијата „Тема на денот“ на Сител ТВ рече дека не се согласува со предлагачот околу Законот за пушење, затоа што е рестриктивен и ги става субјектите во неправедна позиција.
- Јас имам специфичен став и дефинирано мислење. Сум за тоа да се регулира пушењето, но не сум за рестриктивни решенија и сериозно ја загрозуваат слободата и рамноправноста, но и приватноста. Текстот на законот, според мене, значи и тангирање на Уставот во членот 9, членот 25 и членот 54 околу слободата на граѓаните и тука треба предлагачот да се заинтересира малку повеќе, особено околу одлуката 39-06 на Уставниот суд каде што се дефинира рамнправноста на продажбата на цигарите, како останатите производи, и мораме ние како Влада да се раководиме според тие одлуки, смета Димовски.
Тој како поранешен министер за земјоделство вели дека и во рестриктивните измени во 2011 почувствувал дека таквите регулативи имаат негативен ефект на производството на ориентален тутун.
- Кај мене во изминатиот период доаѓаа и бараа средби луѓе од бизнис заедницата, тобако-компаниите кои се присутни во Македонија, кои што го шират производството во земјата, но и од угостителскиот сектор, Овој закон има социјален, финансиски и економски елемент. Работењето на угостителскиот сектор се очекува дека ќе биде намалено со намален број на гости. Јас не ја спорам грижата за здравјето на граѓаните, но проблемите треба да се гледаат пошироко, вели вицепремиерот..
Спoред Димовски, новата регулатива ќе ја намали потребата од персонал во угостителскиот сектор.
- Тој персонал, како што е праксата, може да ни се случи да отиде во Хрватска и Црна Гора. Понатаму може да се намали и тргвијата и набавките, а тоа ќе се одрази на економијата и на даноците, вели Димовски.
Тој вели дека најсоодветен би бил примерот во Германија со специјална лиценца и физичка поделба на две простории во угоститеските објекти, каде што во делот за пушење би имало вентилациски систем за прочистување и за 25 отсто поскапи цени.
