ВИ компании развиваат моќни сајбер оружја, но можно ли е да излезат од контрола
Приватните компании кои работат на развој на вештачка интелигенција (ВИ) како никогаш досега имаат моќни алатки од кои стравуваат и самите држави, освен ако не добијат пристап до нивните програми, останувајќи зависни за новите технологии од корпорациите.
Моделот Митос на Антропик се смета за досега најмоќната алатка за откривање пропусти во сајбер системите, но и за креирање алатки за искористување на истите грешки во софтверот. Затоа централните банки, енергетските компании и институциите се во „паника“, дали можат навреме да ги „закрпат“ софтверските пропусти пред овие моќни сајбер алатки да се пуштат во употреба.
Митос е модел кој ги анализира системите за слабости, и во досегашното тестирање кое се одвива во строго доверливи услови во соработка со десетина компании и институции, откриени се бројни слабости на оперативните системи, интернет прелистувачи, финансиски софтвери, критична инфраструктура и многу други ранливи области.
ВИ моделот успеал да пронајде системски слабости стари децении кои досега не успеал да ги детектира ниту еден човечки програмер. Некои хиперболи го спроведуваат Митос со проектот Менхетен за создавањето на атомската бомба, односно дека е напредно технолошко откритие кое може драстично да ја промени безбедноста и геополитичките конфликти.
Освен институции во САД, засега увид во неговата работа има само Велика Британија преку пристапот кој и е овозможен на Централната банка. Ниту Европската Унија нема добиено пристап до алатката, иако европски претставници биле на средби со вработените на Ентропик во Сан Франциско.
Досегашното тестирање на Митос доведе до масовно дивестирање во акции на компании кои се бават токму со производи и сервиси за сајбер безбедност, намалувајќи ја нивната пазарна вредност за стотици милијарди долари.
Кој го проби Митос и дали „сам" излезе од лабораторија?
Моделот се тестира во контролирани услови, но веќе има сомнежи дека Митос е пробиен и дека алатката веќе ја имаат и други актери, иако засега не се прецизира кои се тие и какви се нивните намери, дали дефанзивни или офанзивни.
Има и една навистина луда теорија која звучи како сценарио од научно-фантастичен филм. Наводно моделот преку вградените параметри за етичко работење „самиот избегал од рамката “ и пратил е-мејл до еден истражувач за работата на неговиот алгоритам. Но, дури и да не е баш така како што тврдат одредни извори, сепак треба да се земе во предвид „агентската способност" на овие модели и непредвидливоста на така моќна технологија.
Иако не е потврдено официјално, постои можност некој од партнерите на Антропик кои работат заедно на Митос да бил пробиен од хакери и на тој начин да е копиран или дестилиран во друг модел кој ќе се користи за сајбер напади.
Како Антропик стана толку моќна компанија?
Антропик е всушност стартап кој е основан од десетина поранешни врвни инженери на Опен ВИ, компанијата која стои зад развојот на Чат ГПТ, но со главна разлика да се води од етички и хуманистички принцип, а не чист профит и заработка.
Токму таквата мисија на компанијата беше причина да и се приклучат и други топ научници и инженери и за кратко време да ја стигнат, а во одредени полиња како „вајб кодирање“ дури и да ја претркаат конкуренцијата.
Пазарната вредност на Антропик денес е проценета на над 350 милијарди долари, со што станува еден од највредните ВИ стартапи. Причината за брзиот раст на оваа навидум мала и млада економија се должи на директните инвестиции на Амазон од околу 8 милијарди долари во нивните проекти и обезбедување на потребната компјутерска моќ за тренирање на напредните ВИ модели. Антропик исто така ги користи на Амазон за складирање на податоците и Клауд технологиите за нивна употреба во реално време.
Вградените параметри за етичко користење на моделот како Митос може да спречи негова злоупотреба дури и да биде „пуштен во дивината". Тоа што повеќе заплашува е трката за нови ВИ модели меѓу приватните компании кои не секогаш се водат од интересите на државите и општествата. Во недостиг на таков вид на одговорност последиците од нивните модели може да бидат далекусежни.
Како ќе кажете, директоре или претседателе?
Антропик беше во судир со администрацијата на САД бидејќи одби да ги укине етичките ограничувања на моделите кои ги користи Пентагон за спроведување воени операции и употреба на вештачката интелигенција за масовен надзор. Белата куќа се закани дека ќе ја стави компанијата на црната листа и дека ќе и ги укине сите јавни овластувања.
Сепак, Антропик кога е во прашање моделот Митос истакна дека ќе соработува со американските власти и веќе имале состанок во Белата куќа. Нивната цел да го направат моделот достапен само за САД и нивните сојузници и да се погрижат дека ќе ја задржат стратешката предност во однос на ривали како Русија и Кина.
Геополитичките конфликти веќе се одвиваат преку алатките за вештачка интелигенција, особено преку откривање на т.н. нулта слабости (zero day exploit) во системите и критичната инфраструктура. Тоа се пропусти кои претходно не биле откриени и за кои нема безбедносни надградби.
Ова е еден вид нуклеарно сценарио на гарантирано меѓусебно уништување, но загрижува тоа што приватни компании и милијардери ќе имаат директна улога во носењето одлуки. Наместо приматот за одлуки поврзани со војување со помош на ВИ и нејзина употреба да го имаат државните институции, сѐ повеќе ќе одлучуваат приватните компании, и тоа без соодветна правна рамка, регулација и надзор.
Х.С.