Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВИ, блокчејн, стартапи: Има ли визија и стратегија за технолошки раст на македонскиот енергетски сектор

ВИ, блокчејн, стартапи: Има ли визија и стратегија за технолошки раст на македонскиот енергетски сектор

Закон за енергетика (мај, 2025 година) треба да го поттикне развојот на енергетскиот сектор како стратешка определба на Македонија, за што претходно беше формирано и посебно Министерство за енергетика и минерални суровини.

Компетитивната предност во македонската енергетика може да се постигне и со примена на новите технологии како вештачка интелигенција (ВИ), блокчејн, напредни алатки за собирање и анализа на податоци, автоматизација и следливост на информациите во реално време што ќе овозможи поголема ефикасност, инвестиции и развој на сите учесници на пазарот.

Затоа од Министерството за енергетика и минерални суровини (МЕРМС) побаравме информации како досега се спроведуваат одредбите од новиот Закон за енергетика, но и воопшто политиките на самата институција поврзани со технолошкиот развој на енергетскиот сектор.

„Министерството за енергетика, рударство и минерални системи обезбеди пристап и започна со користење на систем за електронско управување со документи – Document Management System (DMS), со што се направи значаен чекор кон целосна дигитализација и модернизација на административните процеси“, информираат од МЕРМС.

Исто така со воведувањето на DMS се воспоставува електронска архива во која се врши евидентирање,  чување и управување со документите. Досегашната практика на рачно водење на архивските броеви и нивното евидентирање во деловодник е целосно заменета со автоматизиран и електронски систем. Во рамки на системот се врши скенирање и електронско заведување на сите влезни и излезни документи на Министерството, со што се овозможува целосна следливост на текот на документите, зголемена транспарентност и значително намалување на можноста за загуба на податоци.

Без податоци не може да се развиваат проекти базирани на вештачка интелигенција, па затоа дигитализацијата на енергетскиот сектор ќе биде клучна за „напојување“ на ВИ потенцијалот.

„Плановите за дигитализација се во напредна фаза и се базираат на новиот Закон за енергетика: фокус на институционална интероперабилност (поврзување на бази на ЕСМ, МЕПСО, ЕВН, РКЕ), воведување паметни броила и паметни мрежи, отворени податоци за потрошувачка и производство (за да се овозможат анализи, статистики и иновации со ВИ алатки), како и дигитализација на пазарот за просјумери и енергетски заедници. Процесот е веќе започнат преку проекти со Светска банка и ЕУ, со цел податоците да бидат достапни за истражувачи, стартапи и компании под јасни правила за заштита и сајбер безбедност. Ова ќе овозможи нови ВИ-базирани сервиси за предикција, оптимизација и трговија со енергија“, велат од Министерството.

Оттаму дополнуваат дека ВИ е препознаена како клучна алатка за оптимизација на мрежата, предиктивно одржување и енергетска ефикасност. Посебно во делот на сајбер безбедноста, ВИ се разгледува како моќно средство за детекција на закани во реално време, анализа на сајбер напади врз критичната енергетска инфраструктура (како паметни мрежи и SCADA системи) и автоматизиран одговор на инциденти.

Плановите за дигитализација на секторот енергетика и достапност на податоците за дополнителни анализи, статистики и иновации со ВИ продукти и алатки се амбициозно поставени, а првите чекори ќе бидат остварени со достапност на повеќе е-услуги.

Во моментов достапни се следните е-услуги:

  • Барање за издавање на одобрение за мерење на потенцијалот на ветерната енергија

  • Барање за упис во Регистарот на електроцентрали кои произведуваат електрична енергија од обновливи извори на енергија.

Во наредниот период достапни ќе бидат: 

  • Издавање на одобрение за мерење на потенцијал на ветерна енергија

  • Продолжување на лиценца за вршење на енергетска контрола на згради

  • Признавање на лиценца за вршење на енергетска контрола на згради

  • Издавање на овластување за енергетски контролор на згради

  • Овластување за изработка на геолошка документација, изведување и надзор на геолошки истражувања

  • Овластување за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација, преработка на минерални суровини и други рударски проекти од областа на рударството

  • Издавањето на Овластување за изградба на електроенергетски објекти.

Македонија е вклучена и во европската иницијатива за „ВИ фабрики“ (AIFA) кој експлицитно ги вклучува енергетиката и сајбер безбедноста како приоритетни сектори за примена на одговорна ВИ.

Ова се само дел од новитетите во македонскиот енергетски сектор кои треба да поттикнат повеќе инвестиции во технолошки иновации за што е поставена соодветна законска рамка и институционална поддршка, но секако е потребна и поголема ажурност на институциите за побрза технолошка трансформација со оглед на глобалните предизвици и засилена компетитивност.

Х.С.



Слично

Поврзани вести