ВЕТУВАЊА: Скап маркетинг за евтини трикови?
Неколку бесплатни услуги за студентите и средношколците, нов проект „Купи куќа за млади”, нови работни места, повисоки плати за судиите, нов универзитет и студентски домови, реконструкција на патишта - ова се само дел од серијата проекти што Владата ги промовираше изминатиов период. Овие ветувања за нови проекти доаѓаат на истекот на тековната и почетокот на новата година, на неколку месеци пред одржувањето на парламентарните избори. Што се крие зад владините ветувања, дали проектите се економски оправдани или се се сведува на предизборен маркетинг? Според дел од економистите ваквите ветувања ќе го продлабочат дефицитот во веќе скроениот Буџет за следната година, кој понатаму неминовно ќе треба да се финансира од нови задолжувања. Посочуваат дека треба да се објасни дали овие нови проекти се планирани во буџетот и како ќе се финансираат. Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, новите проекти ќе предизвикаат потреба од прекројување на државната каса.
-Новите проекти секако дека ќе го оптоварат буџетот. Особено ако не биле планирани при неговото носење, во даден момент ќе предизвикаат потреба од прекројување на државната каса. Иако некои од нив може да имаат економска оправданост, сепак не е јасно колку тие би го оптовариле буџетот и како ќе се финансираат. Фискалните финансии треба да следат патека на консолидација, наместо на продлабочување на буџетскиот дефицит. Дополнително, трошењата во предизборнот период не треба да попримаат динамика што ја имаа при претходните изборни циклуси, односно зголемени трошења и реализација на над 8% од буџетскиот дефицит пред изборите. Тоа е особено важно за да се елиминираат секакви сомнежи за изборна корупција на гласачкото тело, вели Петрески.
Новите најавени владини проекти се вообичаен предизборен маркетинг, и ќе ги зголемат буџетските расходи, кои ќе мора да бидат покриени со нови задолжувања, сметаат дел од економистите.
-Новиот буџет сеуште не почнал да се троши , а уште сега се предвидува дека приходите нема да бидат доволни , туку расходите ќе ги надминат, не може да се реструктурираат буџетските расходи, и повеќе од јасно е дека ќе се оди на финансирање преку дефицит,што значи задолжување. Ако се оди на зголемување на дефицитот, а се знае дека буџетските приходи во ова истштено стопанство не може да се зголемуваат до бескрај , јасно е дека ќе мора да се оди на ребаланс на буџет кој уште не почнал, вели универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров.
Според Владата најавените нови проекти не се предизборен маркетинг туку редовни активности на владејачката парија. Иако не се прецизира како ќе се обезбедат пари за нивно финансирање, сепак од Владата посочуваат дека буџетот е во добра кондиција и пари за реализација на проектите ќе има.
-Ние во континуитет спроведуваме мерки кои што се во интерес на граѓаните. Не треба да бидеме загрижени за кондицијата на буџетот, секогаш Македонија останувала во рамките на соите проекции и за буџетскиот дефицит некогаш со некои мали отстапувања. Ако се погледне кумулативниот ефект на сите овие мерки и политики може да се забележи прво дека степенот на задолженост на земјата е сеуште релативно низок до среден, додека постигнатиот економски раст и креираните над 150.000 нови работни места , намалувањето на невработеноста се позитивни, тоа значи дека економските политики се правилно поставени , соодветено балансирани и го даваат очекуваниот резултат. Ние како Владата и како политичка партија во континуитет сме во контакт со граѓаните и со компаниите имаме соодвтени проекти, и сега кажуваме дека сето она што може да биде спроведено сега и веднаш го спроведуавме, а за она што ќе процениме дека ќе биде потребна малку подолготрајна анализа ќе биде анализирано и соодвтено вградено во нашите идни програми. Така што се работи за редовна активност и оваа влада е позната по тоа директен контакт, директно слушање на идеите и предлозите и брзо спроведување на она што сметаме дека е корисно за граѓаните, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Дел од најавените владините проекти беа и порано пред избори беа најавувани, но не беа реализирани. Дел од нив како мерката за бесплатен превоз беше предложувана и од други политички партии, но истовремено одбивана од Владата.На пример студентите веќе години наназад бараа бесплатен јавен превоз и реконструкција и нови студентски домови. И кога Владата ја соопшти мерката за бесплатен јавен превоз, студентите жестоко реагираа, зошто изминативе години и покрај нивните барања не им беше овозможен бесплатен превоз, а сега во предворје на изборите се промовира оваа мерка. Студентите обвинија дека за десет години не е изграден ниту еден студентски дом. Според дел од експертската јавност, најавувањето на новите мерки и проекти, исплата на субвенции,нови работни места е вообичаена пракса на изминативе девет години пред секој изборен циклус.
Освен овие проекти, дополнително во Буџетот за 2016 –та година е планирано покачување на пензиите и социјална помош за пет отсто и значително зголемување на капиталните инвестиции. Слeдната година за капитални инвестиции предвидени се скоро 416 милиони евра, или за 13 отсто повеќе од годинава.Во 2016-та година Владата ќе има на располагање буџет тежок близу 3,2 милијарди евра, односно за 200 милиони евра поголем од годинешниот буџет. Растот на економијата се очекува да биде 4 проценти од БДП, а буџетскиот дефицит е проектиран на 3,2 отсто.
Р.Ф
Слично
