Ветерен парк на странци ќе може да прави приватна експропријација во земјата
Нов ветерен парк на странци ќе може да врши експропријација на приватно земјиште по своја иницијатива, а со дозвола од Владата.
„Парк на ветерни електрани Перун“ пред Нова година ја доби лиценцата за почеток на производството на електрична енергија во Богданци, а во истиот период и Владата на седница ја прифатила иницијативата од компанијата во сопственост на словенечките Интеренерго и Тригал да купува околни парцели за свои потреби со „експропријација“.
- Со оваа одлука се прифаќа Иницијативата за експропријација на земјиште во приватна сопственост заради реализација на јавен интерес од значење за Република Северна Македонија за изградба на објект од областа на енергетиката "Парк на ветерани електрани ПЕРУН" на територијата на Општина Богданци, доставена од Друштвото за производство на електрична енергија ПАРК НА ВЕТЕРНИ ЕЛЕКТРАНИ ПЕРУН ДОО Скопје, од 17.10.2024 година. 2. Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Северна Македонија, пишува во одлуката потпишана од премиерот Христијан Мицкоски.
Петте ветерници на „Перун“ во Богданци, според издадената лиценца од РКЕ која значи почеток на производството на струја, ќе имаат моќност од 30 мегавати и ќе произведуваат 72.500.000 киловатчасови електрична енергија. Израдбата започна од 1 јули 2024 година на 51,5 хектари на ридестиот терен кај езерото Паљурци.
Пред две години во светиниколско започна со работа првиот приватен ветерен парк „Богословец“ во сопственост на Тхор Импекс од Луксембург. „Богословец“ има сличен производствен капацитет како „Перун“ а според податоците од Централниот регистар, сопственикот „Тхор Импекс“ во 2024 остварил приход од 6,3 милиони евра без ниту еден вработен. Пред неколку месеци започна со работа ветерната централа на турскиот „Калтун енержи“ во демиркапиското село Дрен, но територијално ги опфаќа и општините Гевгелија и Неготино. Вкупната моќност на ветерната централа е околу 43 мегавати, треба да призведува над 100.000 мегаватчасови електрична енергија, па според проценките, со тоа да заработува повеќе од 10 милиони евра годишно. Изминатото лето започна изградбата на најголемиоот ветерен парк во земјата на 326 хектари на инвестицискиот фонд на Алказар. Според најавите, инвестицијата ќе изнесува половина милијарда евра за 55 ветерници на теритријата на Штип, Карбинци и Радовиш. Во моментов се разгледуваат и други проекти за изградба на ветерни централи на територијата на земјата. Освен со тоа дека придонесуваат за стабилно произвдство на струја, од државата нема други јасни аргументи за тоа кои се бенефитите што ги добиваме од овој тип на инвестиции кои ги искористуваат домашните ресурси. Во целата ситуација сигурно е само тоа дека земјата, ветарот и сонцето се на Македонија, а прашање е кој е бенефитот за македонската економија и животен стандард.
