Венизелос во Скопје со грчко „охи“ за македонските евроинтеграции!
„Нема никакви индикации дека доаѓањето на Венизелос во Скопје ќе даде нов импулс во преговроите за името”.
Релативно песимистички се очекувањата на соговорниците кои ги консултираше Фактор во однос на шансите дека средбите на грчкиот шеф на дипломатијата со македонското раководство би можеле да дадат нов импулс во подобрување на дијалогот меѓу двете земји. Владата во Атина пред очите на Брисел сака да демонстрира кооперативност, но Грција, како претседавач со ЕУ, ќе продолжи да ја застапува тезата дека името не е единствена пречка за Македонија да ги започне преговорите со ЕУ.
Доброупатени соговорници во Атина се децидни дека Грција нема да попушти ниту за идејата која ја форсираат неколку влијателни членки на ЕУ - Македонија да ги отпочне преговроите со ЕУ, а во истовреме да течат и разговорите за името со услов тие да бидат финализирани пред приемот на земјата во европското семејство.“Нема ниту минимални шанси за било каков оптимизам затоа што Самарас е еден од најголемите националистички премиери кој досега го имала Грција. Воопшто не очекувам дека за време на грчкото претседавање со ЕУ ќе биде отворено прашањето за надминување на спорот околу името како проблем. Грчката владина коалиција во моментов е премногу политички слаба за да презема каков било чекор кога се работи за спорот со името “, оценува за Фактор Насос Теодоридис од партијата Сириза.
Овој аналитичар на балканските состојби, не верува во хрватско-словенечкиот модел на решавање на билатералниот спор, зашто одлуката на Хашкиот суд на правдата властите во Скопје непомирливо ја сметаат за клучен аргумент дека треба да се почитува меѓународниот правен поредок. Ќе биде ли промовирана новата стратегија на Грција?„За грчката страна ваквата идеја е неприфатлива затоа што според мене не е проблем името на Македонија туку Македонците како нација, идентитет и јазик. Имајќи го во предвид овој факт, Атина се плаши дека тоа полека ќе го разбере ЕУ и затоа опстојува на сегашната позиција „нема преговори без решение за името“, знаејќи дека и македонската Влада не е подготвена за суштински преговори и одстапки, како компеназија за цврст европски курс“, вели Јоргос Пападакис.
“Самата посета на Скопје од страна на Венизелос, единствено може да се третира како доаѓање на висок функционер на држава – членка на ЕУ, која во моментот претседава со Европскиот совет”, вели универзитетскиот професор Горан Илиќ .Според него, високиот грчки претставник ќе се претстави како глас на Европската Комисија, и во нејзино име ќе ја промовира новата стратегија на Грција според која европскиот статус на Македонија не зависи само од спорот со името, туку се проблематизира и поради се побројните проблеми во исполнување на обрските во градењето активна добрососедска политика и кон Бугарија, слободата на медиумите, внатрешниот демократскиот развој.
Неодамна екс шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски сугерираше замрзнување на преговрите со Грција иако со Привремената спогодба од 1995година двете земији се обврзани да преговараат сè додека не биде изнајдено решение на спорот. Професорот Илиќ од битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ со став:„Се додека трае претседателството на Грција со Европскиот совет, убеден сум дека нема да има никакви поместувања во позитивен правец. Напротив, сметам дека Грција ќе се обиде да ја (зло)употреби својата позиција во рамки на ЕУ со цел да го отежне процесот, и да се наметне како главен арбитер. Тоа ќе го прави, преку перманентна дипломатска деградација на соседот, со агитирање и дејствување против позициите на Македонија, нејзино маргинализирање и ослабување. Наспроти тоа, сега како никогаш досега, треба да се демонстрира државотворноста, рационалноста и моќта на македонската дипломатија, која мора да се мобилизира со цел да ги амортизира сите удари кои доаѓаат или ќе доаѓаат од страна на Грција“, додава Илиќ.
„Сметам дека Р. Македонија треба да продолжи со преговорите околу спорот за името со Р. Грција, но паралелно ќе мора значително да ги ангажира сопствените дипломатски ресурси, со цел изнаоѓање и потврдување на меѓународни пријателства кои би значеле поткрепа на македонските национални интереси и позиции во спорот за името”, вели за Фактор, професор Горан Илиќ.Од осамостојувањето до денес тројца министри за надворешни работи на Грција ја посетиле земјава. Кон прајот на 90-тите во Скопје престојуваше Теодорос Пангалос, што ја остави навредливата порака нарекувајќи ги хомосексуалци припадниците на македонското малцинство во Грција од организацијата „Виножито“. За време на воениот конфликт во 2001 година, во функција на шеф на грчката дипломатија во земјава допатува Јоргос Папандреу, со кого Груевски имаше најбројни средби на премиерско ниво. Во 2004 во Скопје престојуваше тогашниот грчки министер за надворешни работи Петрос Моливјиатис. Во досегашните две децении на лоши политички односи, Атина и Скопје, биле најблиску до нова референца за која во хотелот Алкександар Палас, на почетокот од векот, разговарале премиерите Георгиевски и Симитис. Г.Ч
Слично



