Венизелос на мака: Како да дојде во Скопје, а да го избегне Александар?
Шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, кој следната недела ќе ја посети Македонија, морал да направи цела промена на својата маршрута само да избегне да слета на аеродромот „Александар Велики“ и да вози по автопатот „Александар Македонски“, јавува ТВ 24 Вести, повикувајќи се на дипломатски извори.
Иако на пат по балканските метрополи тргнува со владин авион, во Скопје, ќе допатува од Приштина и тоа со автомобил. Причината, според дипломатски извори, е што не сакал да слета со авионот на грчката влада, на аеродромот Александар Велики, оти, според проценките, тоа можело да предизвика негативни реакции во Грција.
Проблематично, за протоколот на шефот на грчката дипломатија, освен името на аеродромот, бил и дел од делницата на автопатот што би морал да ја помине од аеродромот до Скопје, а на која ќе го пресретне табла автопат Александар Македонски. Па затоа, авионот на Венизелос ќе остане паркиран во Приштина, а тој ќе дојде и ќе си замине од Скопје со автомобил.
Сепак, за време на посетата на Скопје, шефот на грчката дипломатија нема да може да ја избегна улицата Филип Втори Македонски, затоа што токму на нејзе се наоѓа зградата на македонското Министерство за надворешни работи.
Венизелос во Скопје се очекува да допатува в четврток, а неговата посета пред се е во функција на претставник на земјата - актуелен претседавач со Европската унија. Сепак, по цела една деценија, ова е прва посета на еден грчки министер за надворешни работи во Скопје.
Слично
