Економија, финансии, бизнис

Контакт

Венизелос: Името не ви е пречка за ЕУ, но…

Венизелос: Името не ви е пречка за ЕУ, но…
„Главна пречка за европскиот пат на БЈРМ не се билатералните нерешени прашања, како славното прашање за името, туку обврската да се исполнат Копенхашките критериуми, а особено тој за добрососедските односи. Тоа е општа европска обврска“, изјави шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос за време на денешната посета на Скопје. Венизелос, кој во текот на целата посета беше воздржан да коментира пред новинарите за неговите разговори со македонските официјални претставници, на крајот одржа пресконференција, но не заедно со неговите домаќини, туку посебно - во зградата на делегацијата на ЕУ во Скопје. Притоа, одбегна да каже дали се почувствувал добредојден во земјава, но потенцираше дека можеби ќе организира нова билатерална средба во Скопје или во Атина. Од Македонија грчкиот министер за надворешни работи си замина со впечаток дека кај македонските власти постои заинтересираност за решавање на спорот околу името. „Мој впечаток е дека Владата, локалната владејачка гарнитура и граѓаните се подготвени да учествуваат во дијалог не само за прашањето за името туку и за зајакнување на билатералните односи“, рече Венизелос. Во рамките на посетата на Скопје, Венизелос попладнево се сретна со македонскиот премиер Никола Груевски, кој се заложил за интензивирање на билатералните контакти меѓу двете земји, но и на преговорите под покровителство на Обединетите нации. Според официјалните информации, најсилните пораки до шефот на грчката дипломатија поврзани со спорот околу името ги испратил претседателот Ѓорге Иванов, кој побарал Атина да дозволи паралелно со разговорите за името да течат и преговорите на земјава за членство во ЕУ. На средбите со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими се зборувало за грчкото претседателство со ЕУ и за економската соработка меѓу двете земји, но не и за спорот околу името.
Слично

Поврзани вести