ВЕНЕЦУЕЛКА ЗА ФАКТОР: Сакам економско закрепнување на Венецуела бидејќи сакам да отворам бизнис
Венецуелката Барбара Гуевара која живее и работи во Мексико, сака да верува дека во наредниот период ќе има економско закрепнување на Венецуела. Таа работи во ресторан како готвач и сака во иднина да отвори бизнис во Венецуела. Објаснува дека луѓето во Венецуела живеат многу тешко, а една работа не е доволна за опстанок, затоа што платите се многу ниски, а трошоците високи. Секој дополителен приход како што вели или парите испратени од роднините кои се во странство се добредојдени за граѓаните на Венецуела.
„Сакам да верувам дека постои можност за економско закрепнување бидејќи сакам да почнам бизнис таму. Вистината е дека тоа е интересен пазар бидејќи е практично неискористен, има свои правила кои не се нужно дефинирани од меѓународната клима. Работата е во тоа што, со меѓународните санкции, беше огромен ризик да се инвестира во индустрии кои беа експроприрани од владата. Сепак, тоа не значи дека ќе одам и ќе останам таму. Мојот дом отсекогаш бил Мексико, земја која ми даде крилја да ги остварам моите соништа и ми ги обезбеди потребните чекори за да ги постигнам моите цели. Платите во Венецуела се многу ниски, околу 5 долари месечно и затоа луѓето што живеат во странство им испраќаат пари на оние што остануваат. Некои луѓе работат две или три работи само за да можат да купат намирници и да преживеат. И тие го надополнуваат својот приход со какви било пари што можат да ги добијат. Луѓето од Венецуела најлесно мигрираат во Колумбија“, објаснува Гуевара.
Вели дека и во услови на криза е полесно да се најде работа во Каракас отколку во помалите места. Taa додава дека луѓето од Венецуела во земјите од регионот можат да заработат минимум 500 американски долари месечно работејќи како келнери, во перални за автомобили или да работат како водоинсталатери. Како што вели Гуевара, тоа е приближно како месечната минимална плата во Мексико. Објаснува дека други заработуваат многу повеќе специјализирајќи се во области како нафтената индустрија или изработка на промотивни материјали.
На почетокот на месецот, САД извршија операција во Венецуела, го заробија сега веќе поранешниот претседател Николас Маудро и го однесоа во САД. Првично властите во САД велеа дека ќе го гонат за наркотероризам.
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, и нејзиниот влијателен брат, Хорхе, ветија дека ќе соработуваат со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Американскиот претседател вети инвестиции во нафтената индустрија на Венецуела и според неговите кажувања, тоа ќе донесе бенефит за Венецуелците.
Родригез пред неколку дена изјави дека земјата заработила 300 милиони долари од продажба на нафта, што е прв приход од договорот за снабдување со нафта од 50 милиони барели со САД по апсењето на Мадуро.
Според Родригез, првите средства ќе бидат искористени преку девизниот пазар на Венецуела, преку националните банки и централната банка, за консолидирање и стабилизирање на пазарот и заштита на приходите и куповната моќ на работниците.
Како што кажа Трамп, Венецуела ќе заработи повеќе пари за шест месеци отколку за цела година претходно. Венецуела има повеќе од 300 милијарди барели докажани резерви на нафта.
Венецуелците најчесто мигрираат во Колумбија. Таму се преселиле повеќе од 2,8 милиони луѓе, а потоа следат Перу со 1,7 милиони, САД со 950.000, Бразил со 730.000, Чиле со 700.000, Шпанија со 650.000, а во Еквадор има 440.000 Венецуелци. Повеќе од 7 милиони венецуелски мигранти се концентрирани во Латинска Америка и на Карибите.
Сања Атанасовска