Венецуела – не чепкајте во американскиот двор
Денес од Њујорк ќе чекаме вести. Киднапираниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро и неговата сопруга ќе одат на суд. Обвинети се за многу работи. Во Советот за безбедност на ОН треба да се одржи вонредното заседание на кое тема ќе биде американската воена операција во Венецуела. Епилозите од двата настана можат да се претпостават. Венецуела и нејзиниот претседател ќе бидат губитници. Таа поради неефикасноста и неавторитетноста на СБ на ОН, а за Мадуро има обвинувања за нарко-трговија, чување оружје и сл.
Вчера стана јасна уште една работа. САД немаат намера да им дозволат на граѓаните на Венецуела во рок од 30 денови, како што е предвидено со Уставот на таа земја, да организираат избори за нов претседател. Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера во интервју за The New York Post, беше јасен. Во Венецуела треба да се воспостави „закон и поредок“, пред да се организираат претседателски избори. Според него, ниту еден од лидерите на опозицијата во земјата нема доволно поддршка. Па се наметнува прашањето, каде се оние милиони жители незадоволни од владеењето на Мадуро? Оние кои со нетрпение ги чекаа САД да им ја донесат слободата. Зарем тие нема да гласаат против „чавистите“?
На иста линија со Трамп е и Марко Рубио, министерот за надворешни работи на САД. Според него, во вчерашно интервју за NBC, многу рано е да се разгледува спроведувањето на избори во Венецуела. Тој не споменува лидери од опозицијата без доволно поддршка. Но вели дека „во оваа етапа сето тоа е предвремено. И има уште многу работа“. Трамп смета дека САД треба да управуваат со земјата за да имаат полза од економските предности, кои ги има Венецуела, нафтата и други вредни ресурси. А, пак, за Рубио неопходно е да се решат проблемите со нарко-трговијата и транспортот на нафта, кој е под санкции. Значи новиот претседател на Венецуела ќе чека подобри денови. Впрочем тоа Трамп го најави уште во петокот. Пред новинарите, по успешната воена операција, тој изјави дека САД „ќе управуваат со земјата се дотогаш, додека не биде обезбеден безбеден, правилен и разумен преоден период“. Тој тогаш додаде дека американските нафтени компании ќе наведат поредок во нафтената инфраструктура на Венецуела. Од САД доаѓаат вести дека веќе има тим кој го подготвува управувањето со земјата. А Рубио би бил намесникот.
РОДРИГЕЗ ЗА СОРАБОТКА
Тоа што САД во моментов повеќе мислат на нафтата и инфраструктурата околу неа, како и управувањето со Венецуела, за кое Трамп рече дека веќе постои, отколку за избори, зборува дека Американците се решени на долго управување(владеење) со Венецуела. Трамп на средба со новинари, на враќање кон Вашингтон, вчера, вели дека САД сметаат дека нема потреба од ново користење на воена сила. Веројатно мисли на копнени операции. Но, токму тука тој може да ги повтори ненаучените лекции од Ирак и од Авганистан. Со сите последици за Венецуела и за САД. Венецуела со можна поделба, жртви и уривања, па и граѓанска војна, а САД со бројни воени жртви.
И додека САД очекуваат да ја обноват Венецуела, попрецизно, нафтената логистика и индустријата, се јави вршителката на должноста претседател на Венецуела, Делси Родригез. Венецуела е посветена на мирот и се стреми да живее во атмосфера на почитување и меѓународна соработка, изјави вршителката на должноста претседател Делси Родригез, во обраќањето до американската влада, по состанокот на Советот на министри. „Венецуела ја потврдува својата посветеност на мирот и мирниот соживот. Нашата земја се стреми да живее без надворешни закани, во атмосфера на почитување и меѓународна соработка. Убедени сме дека трајниот глобален мир започнува со гарантирање на мирот во секоја поединечна земја“, напиша Родригез на својот Телеграм канал. Каракас дава приоритет на градењето избалансирани и меѓусебно почитувачки односи со САД. Властите на Венецуела ја покануваат американската влада да соработува на програма за соработка фокусирана на развојот на земјата. Вршителката на должноста претседател на Венецуела, Родригез, го нарече подобрувањето на односите со САД приоритет.
Што зборуваат изјавите од обете страни? За 24 часа работите се како да немало ништо. Дали навистина постоел договор Мадуро да биде тргнат? Зошто тогаш биле потребни 80 жртви, воени и граѓански лица? Како што пишува „Њујорк тајмс“. Одговорите на овие прашања можеби ќе дојдат по неколку години. Но побитно е колку и како ќе се градат односите меѓу САД и Венецуела. Дали САД вистински ќе управуваат со Венецуела или ќе соработуваат како што бара Родригес? Ова е многу важно прашање не само за Каракас, туку и за некои држави кои го поддржуваа во минатото, а кои САД ги сметаат за свои ривали, па дури и непријатели во некоја смисла. Тоа се Русија и Кина, пред се...А тоа го знае и Родригез, па вчера се обрати директно до Трамп и напиша:„„Претседателе Доналд Трамп: Нашите народи и нашиот регион заслужуваат мир и дијалог, а не војна... Ова е Венецуела во која верувам, онаа на која ѝ го посветив мојот живот. Мојот сон е Венецуела да стане голема држава“. Доколку Трамп го прифати ова тогаш Русија и Кина ќе можат полесно да се справат со предизвиците што ќе дојдат од постмадуровска Венецуела. Земја за која Трамп вели дека е „мртва“. Но не се само Кина и Русија во прашање.
МОНРИОВА ДОКТРИНА
Во моментов најглавно е дали „чавистите “ ќе можат да ја контролираат ситуацијата во земјата. А, Американците бараат промени. Од решението на оваа равенка ќе зависат и последиците од она што се случи и ќе се случува. Главното геополитичко значење е тоа што администрацијата на Трамп покажа дека нејзините бројни изјави за „новата Монрова доктрина“ не се празни зборови. Не случајно ја ставија и во најновата Стратегија за национална безбедност. И се виде дека Американците ја спроведуваат со сила. Од успехот на оваа операција ќе зависи и иднината на другите земји од Западната хемисфера. Во петокот Трамп ја спомна. „Доктрината Монро е секако важна, но ние отидовме многу подалеку од неа, многу подалеку. Сега се нарекува Доктрина Донро(Од Доналд.з.м.)“, им рече Трамп на новинарите. Доктрината Монро е рамка за надворешна политика на САД прогласена од претседателот Џејмс Монро во неговото годишно обраќање пред Конгресот на САД во декември 1823 година. Во неа, тој ги повика европските сили да се воздржат од понатамошна колонизација или политичко мешање во работите на земјите во западната хемисфера. Со текот на времето, фразата „Доктрина Монро“ почна да се однесува на политиката на геополитичка доминација на САД во западната хемисфера. Па сега таа на дело може да се спроведува и во Куба и Никарагва кои се антиамерикански, но и Колумбија, Мексико, на кои Трамп веќе им се закани поради дрогата, па Бразил. и други латино-американски држави.
Но Трамп не се задржа само на Латинска Америка. Порано ја спомнуваше и Канада, а вчера по кој знае кој пат и Гренланд. Трамп вели дека на „САД им е потребен Гренланд. Од аспект на националната безбедност тоа е многу важен стратешки регион за нив. И на ЕУ и е неопходно Гренланд да им припаѓа на САД...„Данска не може да ја обезбеди националната безбедност на САД“. Порано тој имаше изјавено дека островот е опкружен со бродови од Русија и Кина. Трамп се закани и на Иран. А на прашањето за тоа кој управува со Венецуела рече:„ Не ме прашувајте, кој е овде главен, затоа што ќе ви одговорам и одговорот ќе биде многу убедлив. Овде сме главни ние“. Данска побара од Трамп да ги прекине заканите за присоединување на островот кон САД. А останатата Европа молчи. Освен некои од нордиските земји.
„ВОЕНИ ЈАСТРЕБИ“
Европа молчеше и за киднапирањето на Мадуро и нарушувањето од страна на САД на меѓународното право и суверенитетот на Венецуела. Најсмешна беше Франција која утрото во петокот, преку министерот за надворешни работи остро ја осуди операцијата на САД, за попладнето претседателот Емануел Макрон да ги релативизира работите. Па да каже дека Венецуела треба да има нов претседател, па ја поддржа операцијата на САД, нарекувајќи ја „ослободување“ на венецуелскиот народ и повод за „празнување на тој настан“. Германскиот канцелар Мерц, пак, го нападна Мадуро дека ја разурнал својата земја, но нагласи дека „Берлин не брза со правната оценка на дејствијата на САД“. ЕУ, реакциите беа ни риба ни девојка. Мадуро нелигитимен насилник, ама мора да се почитува меѓународното право. Згора на се’ членките на ЕУ се поделија во коментарите на американската операција, а Унијата не успеа ни да усвои заедничка изјава.
Секако, она што се случуваше во Венецуела би можело да влијае и на војната во Украина. Претседателот Владимир Зеленски индиректно побара Трамп , како што удрил врз диктаторот мадуро, да продолжи да удира и врз други диктатори, мислејќи на Владимир Путин. Украина официјално ја поддржа операцијата на САД. Но последиците од неа можат да идат лоши и за Украина. На пример, се осудува нарушувањето на меѓународното право од страна на Русија, а се поддржува американското. Згора на тоа преговорите на САД и Русија за Украина се напреднати. „Воените јастреби“ во САД ќе бараат од Трамп да го засили притисокот врз Русија. А од друга страна има теории дека, напротив, притисокот врз Венецуела да биде пресликан и во Украина. Се разбира не со киднапирање на Зеленски. Многумина овде го спомнуваат видеото со изјава на Владимир Жириновски од пред многу години. Во кое тој претскажува:„ САД ќе ја земат Венецуела, а ние Ураина“. Но и во Русија има „Воена партија“. Па се поставуваат прашања. „Зошто сè уште тие не ги извршија ветените напади врз центрите за донесување одлуки“, „Зошто Зеленски е сè уште жив?“ „Зошто толку долго чекаме?“ Настаните во Венецуела би можеле да доведат до ескалација на војната во Украина и да ги комплицираат напорите за нејзино завршување.
Настаните во Венецуела се опасни и за Кина. Прво, ја лишуваат од клучно упориште во Латинска Америка и потенцијално би можеле да ја ослабнат позицијата на Кина во другите земји во регионот. Второ, тоа би можело да ги охрабри Американците да ги радикализираат своите методи за соочување со Пекинг, на пример, со спречување на кинескиот поморски транспорт. Во Венецуела Кина има отворено кредитни линии од десетина милијарди долари. Логистика, рударство, нафта...Но од друга страна ова дава повод за размислување, дали Кина по истиот американски терк нема да го нападне Тајван? Според „Блумберг“, кинеските социјални мрежи се полни со тоа прашање. Долговите на Венецуела кон Русија се над шест милијарди долари. Но и Русите имаат свои инвестиции таму. Тие со оглед на ситуацијата со Украина и вовлеченоста во преговори со САД, не ќе можат да направат ништо конкретно за некаква материјална или воена поддршка на Венецуела. Згора на тоа и оддалеченоста си го прави своето. Останува само политичката поддршка. Инаку, Трамп изјави дека воената операција во Венецуела нема да влијае врз односите со лидерот на Кина, Шји Џинпинг. „Јас не мислам така, имам добри односи со него“, рече Трамп одговарајќи на новинарско прашање.
ДА ЖИВЕЕ НУКЛЕАРНОТО ОРУЖЈЕ
Операцијата на Трамп, секако е и за внатрешна употреба. Демократите се будат. И тој посегнува по традиционалната алатка. Домашните проблеми да ги покрие со надворешна обланда. Годинава ќе се одржат избори за Претставничкиот дом и за Сенатот. Како што тргнале работите, демократите засега добија повеќе места во некои избори што беа минатите месеци. Но големите избори се на есен. Лесно може да се случи републиканците да го изгубат мнозинството во Сенатот и во Претставничкиот дом. А со тоа Трамп да биде под поригорозна контрола на конгресмените и сенаторите. А не како сега да бидат оставени настрана за воената операција, иако имале сертификати за безбедност, од „страв“ да не протече во јавноста информацијата за неа. Пред два месеца во „Мајами хералд“ имаше текст дека САД се подготвуваат за операција во Венецуела. Значи информацијата веќе беше во јавноста. Па мораше лично да се јави Рубио, бидејќи подготовките за операцијата беа во тек, да ги прекори новинарите и да им каже и да ги убедува дека пренеле дезинформација.
Реакциите во Русија се нееднозначни. Димитриј Медведев, заменик на претседателот на Советот за безбедност на Русија напиша во социјалните мрежи „Да живее нуклеарното оружје“ и го повика Трамп на ист начин да притисне врз Зеленски. Сепак мнозинството експерти сметаат дека Русија во случајов не може многу да направи. Еден од нив напиша:„На фонот на триумфот на посилниот, речиси никој денес не верува во правда во современиот свет. Наместо „светски поредок базиран на правила“, се соочуваме со нова, цинична мултиполарност, каде што „секој си ја држи својата татковина“ и сите територии што се граничат со неа. Во овој поопасен и непредвидлив свет, би било добро да се запомни дека Бог обично е на страната на големите баталјони - а ние имаме среќа што живееме во земја која не е лишена од овие баталјони. А судбоносните битки за Русија ќе се одвиваат, и се одвиваат, далеку од бреговите на Латинска Америка“.
Спомнувањето на моќта, на „триумфот на посилниот“ зборува дека realpolitik не заминала никаде. Настаните во Венецуела ја покажаа новата граница во глобалната политика. Диктатурите не можат повеќе да сметаат на имунитет, но и демократиите не се подготвени да ја платат цената на војната од големи размери. Војната со посилните. Ако новата американска стратегија, потпрена на „Монровата доктрина“, не даде резултати или ќе доведе до жртви меѓу Американците, цивили или војници, одговорноста за таа авантура во целост ќе падне врз Трамп. Тој беше голем критичар на американската инвазија во Ирак. Но сега тој ќе мора да посвети внимание на зборовите на еден од американските архитекти на војната во Ирак, државниот секретар, Колин Пауел. Тој лажеше во СБ на ОН за наводно постоење оружје за масовно уништување во Ирак, што беше повод за агресијата. Пауел вели: „Ако нешто си скршил, одговорноста за тоа е твоја“.
Инаку, добро би било Доналд Трамп да прати специјални сили кај нас да ги киднапираат сите актуелни политичари и лидери на политички партии. Па Американците да ја управува Македонија се додека не се воспостави „закон и поредок“.
Мирче Адамчевски
