Економија, финансии, бизнис

Контакт

Вељаноски распишува избори, Иванов и Пендаровски веќе влегоа во кампања

Вељаноски распишува избори, Иванов и Пендаровски веќе влегоа во кампања
Собранискиот спикер Трајко Вељаноски денеска ги распишува предвремените парламентарни избори, откако вчера целиот собраниски состав едногласно ја поддржа иницијативата за самораспуштање. Според очекувањата, предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 27 април, заедно со вториот круг од претседателските избори. Ова ќе бидат трети предвремени парламентарни избори во Македонија, по оние во 2008 и во 2011 година. По вторпат граѓаните во исто време ќе избираат претседател на државата и пратеници во Собранието. Претходно тоа се случи пред точно 20 години, во 1994 година кога се одржаа првите парламентарни избори по прогласувањето на независноста на Македонија и првите непосредни претседателски избори. Но, тогаш и на парламентарните избори се гласаше во два круга, по мнозинскиот модел. За едни молк, за други кампања Конфликт во роковниците за двете изборни кампањи - претседателската и парламентарната ќе ги направи овие избори покомплицирани од кој било изборен циклус до сега. Кампањата за претседателските избори мора да запре на 11 април, кога е изборен молк во пресрет на првиот изборен круг. Но, во истовреме, веќе ќе биде започната кампањата за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 27 април. Така се појавуваат две опции - или кандидатите за парламентарци да загубат два дена изборно претставување или да се прекрши изборниот молк. Од ДИК се уште немаат прецизен одговор како ќе го решат овој проблем. Од прошетка низ Росоман до лимонада во „Пелистер“ - нестрпливите кандидати веќе влегуваат во изборна трка? Актуелниот претседател Ѓорге Иванов веќе ја започна предизборната промоција за гласови за уште еден мандат. Тој вчера ги посети Неготино, Росоман и Кавадарци. На средбите со локалното население Иванов бил запознаен со тековните проекти кои локалната самоуправа со поддршка од Владата ги спроведува во овие места. Жителите од тиквешкиот регион со кои се сретнал ја пофалиле инвестицијата на германската фабрика „Дрекселмаер“ за производство на кабелски инсталации и опрема. Компанијата изгради фабрика во овој крај во која досега се вработени 3000 лица, а се очекуваат уште 1000 вработувања. Со изборна промоција стартуваше и кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски. Од вчера неговиот платен оглас се појавува на Фејсбук, кај сите корисници од Македонија кои ќе се одлогираат од популарната социјална мрежа. Со мотото „Заедно ќе го вратиме единството и довербата“, ја навести изборната промоција на опозицијата во претседателската трка. Освен ова, Пендаровски вчера попладнето „Фокус“ го фотографираше со семејството во ресторанот „Пелистер“ во центарот на Скопје, а до вечерта го „уловија“ и на фудбалскиот натпревар Македонија-Летонија. Официјално изборната кампања за претседателските избори започнува на 24 март и ќе трае до 11 април. Под изборна кампања се подразбира - јавно собирање и други јавни настани организирани од учесникот во изборната кампања, лепење плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати и нивните програми, информираат од ДИК. Билјана Арсовска
Слично

Поврзани вести