ВЕЛЕШКИ „КРИСТАЛ“ УСПЕА ДА ИСКРИСТАЛИЗИРА ЧИСТА ДОБИВКА ОД 280 ИЛЈАДИ ЕВРА - еве што им го донесе профитот повисок за дури 200 проценти
Огромни приходи од 13,6 милиони евра и добивка од безмалку 300 илјади. Дали е ова добар резултат, секако дека е, во услови кога чистиот профит покажува зголемување за дури 200 проценти.
Компанијата која се занимава со производство на масло за јадење, но и со многу други производи, како што е познатиот маргарин со истото име на пример, а тоа е „Кристал 1923“, или доскорешниот „Благој Ѓорев“, ги објави своите финансиски извештаи за работењето за минатата година.
Билансот на успех говори дека е остварена нето добивка од 280 илјади евра. Или, имаме зголемување на чистиот профит за 200 отсто во однос на претходната 2023 година, и тоа секако е резултат за почит, бидејќи практично имаме тројно зголемување на добивката.
Маслото за јадење немаше драматичен пораст на цената во минатата година, но тоа веројатно не е причината што компанијата Кристал лани имаше благо намалување на вкупните приходи, за 4,6 отсто, иако тие се повеќе од солидни и изнесувале 13,6 милиони евра.
Но, ова благо намалување не се должи на приходите од продажбата, кои биле 13,5 милиони евра и кои во однос на истиопт период претходната годцина имаат дури и минорно зголемување од еден процент.
Производите на Кристал на домашниот пазар одат одлично, а тоа го покажуваат и пооделните билансни ставки. Имено, лани на домашниот пазар се остварени најголемиот дел од приходите на тоа акционерско друштво, и тоа дури 12,1 милиони евра, што е пораст за 3 проценти во однос на 2023 година.
Но, затаиле странските купувчи, кај кои и онака оди помал дел од асортиманот на компанијата. Па така, лани за извоз отишле производи на Кристал во вредност од 1,4 милиони евра, што е намалување во однос на претходната година за дури 15 проценти.
Голем раст има кај приходите од залихи на почетокот на годината, кои се 2,2 милини евра и пораснале за 37 отсто, додека залихите на крајот на годината се 1,5 милиони евра и кај нив има намалување за 15 отсто.
А, иако се мали и незначајни, останатите приходи кои донеле прилив од околу 100 илјади евра, имаат и намалување за дури 68 проценти во однос на претходната година.
Да ја погледнеме расходната страна.
Оперативните расходи се помали од приходите, иако не се мали, и тоа е всушност главната причина зошто е оставрена солидна добивка, а тоа го констатира и самото АД во образложението на својот финансиски резултат.
Имено, компанијата лани потрошила 12,4 милиони евра, и тоа е снижување за солидни 11 отсто во однос на 2023 година.
Дали е тоа домаќинување, секако дека е, бидејќи се успеало да се намалат трошоците за суровини и други материјали, но можеби се должи и на нивните намалени цени на пазарите, а веројатно тука имаат улога и поевтините енергенси. Па така, за овој најголем трошок компанијата исплатила 9,5 милиони евра, но кај нив намалувањето е за 13 проценти.
А, она што му дава уште еден „плус“ на ова претпријатие, е фактот што во услови на намалување на речиси сите расходи, се зголемиле трошоците за вработените, и тоа за 11 отсто. Односно, за нивните плати и надоместоци компанијата издвоила 1,7 милиони евра, што е вториот најголем трошок, а задоволни вработени, се и мотивирани работници.
Сето ова довело до оперативна добивка од 480 илјади евра, но после плаќањето на многу поголемите финансиски расходи од приходите, и после плаќањето на данокот на добивка, нето добивката е 280 илјади евра. Одличен пораст за 200 отсто, од кој треба да биде задоволен менаџментот на компанијата.
Н.Н.Ф.
