Економија, финансии, бизнис

Контакт

Велешани покажаа дека можат да се скараат и за рози

Велешани покажаа дека можат да се скараат и за рози
Велешките екологисти пред три години засадиле 7.000 рози, но Јавното комунално претпријатие „Дервен“ ги откорнало за да ги реновира парковите во Велес. Екологистите од „Вила Зора“ сега размислуваат розите да си  ги бараат на суд.
„Разочарани сме од односот на „Дервен“, бидејќи наместо да ги мериме ефектите од проектот кој го реализиравме пред три години, денес констатираме дека мал број рози се останати и не можеме да објавиме резултати. Доколку седумте илјади рози стојат во некој магацин, апелираме да бидат засадени. Во спротивно, некој треба да сноси одговорност, бидејќи со отстранување на розите кои требаше да ја деконтаминираат почвата, свесно или не се нанесе штета. Ќе ги искористиме сите демократски и институционални мерки, па дури размислуваме за тужба. Секако дека ќе ги информираме сите меѓународни институции, бидејќи седум илјади рози донираше токму Швајцарска амбасада“, рече Ненад Коциќ, претседател на ова еколошко друштво.
Наспроти ова, општина Велес, на првиот ден од пролетта денеска засади нови 3.500 рози, во рамките на владината акција „Македонија - земја на розите“. Илјада од овие рози донираше Министерството за животна средина. Градоначалникот Славчо Чадиев нема одговор и смета дека општината не е надлежна за тоа што се случило со розите засадени уште пред три години од екологистите.
„Не сме потпишале партнерски договор со екологистите. Општината само даде поддршка на таа акција. Ќе провериме, а доколку има складирани рози, тие мора да се вратат. Сепак организаторот требало да се грижи за нив, а не само да ги засади“, рече Чадиев, иако комуналното претпријатие е во негова надлежност.
Од ЈП „Дервен“, пак, вината за исчезнатите рози ја префрлаат кај несовесните граѓани кои ги краделе цвеќињата, но и на лошите временски услови кои уништиле дел од засадените рози. Велес беше првиот град во Македонија, во кој пред три години започна процесот на чистење на загадена почва од тешки метали со помош на рози.
Слично

Поврзани вести