Економија, финансии, бизнис

Контакт

Велес и Струмица меѓу најдобрите општини за водење бизнис

Велес и Струмица меѓу најдобрите општини за водење бизнис
Првиот Регионален сертификат за општини со поволно деловно опкружување денеска во Загреб им беше врачен на Велес, Струмица, Бјеловар, Иванец, Пирот, Рума, Сански Мост и Приједор. Осумте градови од Македонија, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина ги добија ваквите сертификати бидејќи ги спроведоа неопходните реформи и значително го подобрија работењето на администрацијата, беше соопштено на Вториот регионален конгрес за поволно деловно опкружување. Според извршниот директор на Сојузот на стопанската комора на Македонија, Митко Алексов, единствено стабилна и еконономски развиена општина е предуслов за привлекување инвестиции. „Сертификацијата претставува еден тип виза, односно меѓународен печат за секоја општина која сака да ги зголеми инвестициите и да го подобри своето деловно опкружување. Преку процесот на сертификација самите општини испраќаат позитивна порака дека се отворени за соработка со странските и домашните инвеститори и дека нудат стандардизирани услуги, согласно строго дефинираните критериуми за сертификација, а сертифицираните бизнис-пријателски општини се гаранција дека на потенцијалните инвеститори ќе им овозможат квалитетна и соодветна услуга за инвестирање, отпочнување и развој на својот бизнис“, изјави Алексов. Со денешното примопредавање на признанијата завршува пилот-проектот за сертифицирање на единиците на локалната самоуправа со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа. Проектот беше  реализиран со финансиска поддршка на Владата на Сојузна Република Германија, а во соработка со партнерските организации од четирите држави.
Слично

Поврзани вести