Вељаноски: СДСМ бараше одлагање на верификацијата на оставките
Оставките на пратениците од опозицијата беа замрзнати со заемна согласност, тврди собранискиот спикер Трајко Вељаноски, во одговор на денешната пресконференција на Рената Дескоска која од него побара конечно да ги верификува депонираните оставки.
Според Вељаноски, во јуни опозицијата прифатила да се одложи верификацијата на оставките за да се даде шанса на политичкиот дијалог.
„Енигматично е зошто на Дескоска не и кажале досега дека одложувањето на седницата за верификација на оставките на дел од пратениците на СДСМ беше со взаемна согласност, така што клучно прашање е дали денеска СДСМ имал лош ден или, пак постојат некои други мотиви заради кои е направен овој политички излет“, вели Вељаноски во писмената изјава.
Претседателот на Собранието нагласува дека законодавниот дом секогаш постапувал и ќе постапува врз основа на процедури.
