Вељаноски не отстапува: На избори во јуни ќе се оди!
Децидно и без пишманење претседателот на Законодавниот дом кој пред неколку дена го распушти Собранието во синоќешното гостување во 24 Вести рече дека нема отстапување од изборите на 5 јуни.
Вељаноски според изјавите е цврсто убеден дека избори ќе има на 5 јуни и како што истакна не постои опција која што би можела да го помести тој датум.
Првиот човек на Собранието посочи дека изборите ќе ги распише на 15 април, а до тогаш добил уверување од Државната изборна комисија дека ќе си ја заврши работата околу прочистувањето на Избирачкиот список.
Иако двете најважни точки од пржинскиот договор кој виси на конец не се исполнети, Вељаноски тврди дека се.
Колку што е познато во јавноста, преговрите во медиумите и регулацијата во истите е заглавена одамна и никако да се помести. И опозицијата и власта не сакаат да преговараат на оваа тема откако СДСМ предложи закон сличен на оној што беше предложен од посредникот Ванхауте. Тие предлагаа јавниот сервис да се финансира од буџетот, но измените не поминаа во Собрание.
Аналитичарите велат дека со избори на 5 јуни кризата ќе се продлабочи.
„Изборите може или да ја влошат кризата или да придонесат за наѕирање на почетокот на некакво решение. Но, решението нема да дојде преку ноќ. Македонија не е демократија. Треба да бидеме свесни дека ниту едни избори никогаш нема да бидат фер и демократски сè додека се организирани од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата е ставена во не-фер позиција. Медиумски е блокирана и демонизирана. Правилата на играта се така поставени за да ѝ даваат предност на власта. Државните ресурси и институции се злоупотребуваат од партијата на власт. Ова е константа во политичкиот живот кај нас, но својата кулминација ја доживеа во режимот на Груевски-Ахмети. Не смееме да го заборавиме ниту багажот што голем број стари политичари од опозицијата го носат зад себе. Ова е фактичката состојба и од неа нема бегање. Опозицијата мора некогаш да излезе на избори. Неповолностите умниот политичар може да ги сврти во своја полза.
Но, се чини, ни недостасуваат способни политичари со визија и стратегија. Тука вреди да се спомене примерот со битката за општина Центар во време на локалните избори. При невиден притисок и употреба на сите ујдурми и мајмунлаци што ДПМНЕ можеше да ги смисли сепак доживеа пораз. Во овој правец треба да се осмислува стратегијата за рушење на ДПМНЕ. Револуција нема да се случи, а митот за „багер дипломатијата“ мора да биде фрлен во оган. Опозицијата требаше да излезе на избори и да ја подрие власта на Груевски. Но, откако уште еднаш стана роб на својата илузија за можност на „чисти избори“ организирани од највалканиот македонски политичар – Груевски, тогаш изборите без опозиција секако ќе ја продлабочат кризата-смета Д-р Јордан Шишовски.
