Вељаноски го прекрши Деловникот-тврдат од Демократски сојуз
Од Демократски сојуз велат дека Драгана Кипријановска сакала да ги искаже своите ставови пред пратениците, по повод предлогот за нејзино разрешување, но во намерата била спречена.
„На денешната седница на Собранието на Република Македонија, претседателот Трајко Вељаноски, не и даде збор на Драгана Кипријановска, заменик министер за надворешни работи, со што грубо го прекрши член 221 став 4 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија“ - соопшти Демократскиот сојуз.
Точно е дека во втората гарнитура на Владата на РМ влегов како кандидат на Демократскиот сојуз, но не помалку важно е и тоа дека за оваа позиција бев предложена без било каков претходен партиски ангажман, објаснува Кипријановска.
„Без било каква претходна партиска заднина, па оттука и докрај останав лишена од било какви партиски влијанија при вршењето на функцијата. Реалноста е дека со оглед на мојот поранешен backround настојував да се однесувам како правник во политиката, а не како политичар во правото, колку и тоа да им пречеше на некои од моите колеги. Колку и моите размислувања и аргументи да им изгледаа неприфатливо, нивната логика и издржаност ја барав и ја засновав врз правните начела и законитости. А правото почива врз поинакви начела и законитости од оние кои важат за политиката, особено во денешниве сложени услови на политичка криза“ - додава таа.
Вели дека за разрешувањето дознала од медиумите без претходно да добие известување.
