Економија, финансии, бизнис

Контакт

Вечерва продолжува „шарената револуција“, виенските преговори условени!

Вечерва продолжува „шарената револуција“, виенските преговори условени!

Лидерот на опозицијата Зоран Заев го одби повикот на виенски преговори додека претседателот Ѓорге Иванов не ја повлече одлуката за аболиција на осомничените во аферата прислушување. Опозицијата бара и парламентот да ја повлече одлуката за распишување на изборите закажани за 5 јуни. Протестот за вечерва за доби името „шарената револуција“.

Протестите кои веќе втора недела ја тресат земјава, во средата го добија името-„шарена револуција“, најмногу поради боите со кои демонстрантите ги гаѓаат зградите на државните институции и објекти изградени во рамки на проектот „Скопје 2014“.

sarena revolucija

Претходните денови, противниците на власта со боја ги гаѓаа сите објекти кои ги сметаат за одговорни за политичката криза во земјава.

Истовремено, обидот на Европската унија да пронајде решение за серијата сериозни спорови меѓу власта и опозицијата пропадна пред да почне, бидејќи опозицискиот лидер на СДСМ Заев учеството во виенските преговори ги услови со повлекување на аболицијата за осомничените во аферата „прислушување“.

Заев, два дена пред најавените преговори во Виена, побара и Собранието да ја повлече одлуката за распишување на изборите за 5 јуни.

„Ја почитуваме иницијативата на ЕУ и комесарот Јоханес Хан, но СДСМ ќе учествува во преговорите само доколку претходно се исполнат овие два услови“, рече Заев на денешното обраќање пред јавноста.

Протестите на опозицијата ширум Македонија ќе продолжат, а локалните аналитичари стравуваат од најавениот контрапротест на владеачката ВМРО-ДПМНЕ закажан за во четврток.

Досега, серија протести поминаа без сериозни инциденти, иако минатата недела полицијата уапси дваесетина демонстранти, а во текот на судирите во Скопје беше повреден и еден новинар.

Слично

Поврзани вести