Економија, финансии, бизнис

Контакт

В.Д. ДИРЕКТОРКАТА ВЕЌЕ СЕДИ ВО ФОТЕЛЈАТА, ВЛАДАТА НА ОГЛАС БАРА ПРЕТСЕДАТЕЛ - ќе стане ли Рендевска и официјално прв човек на Инспекцискиот совет

В.Д. ДИРЕКТОРКАТА ВЕЌЕ СЕДИ ВО ФОТЕЛЈАТА, ВЛАДАТА НА ОГЛАС БАРА ПРЕТСЕДАТЕЛ - ќе стане ли Рендевска и официјално прв човек на Инспекцискиот совет

В.д. директорката веќе седи во фотелјата, но Владата распиша оглас на кој ќе бара редовен директор.

Станува збор за Инспекцискиот совет, релативно нова институција во државава, која е еден вид инспектор на сите инспектори и инспекциски служби, а за која Владата деновие објави јавен повик за избор на нејзин раководен кадар.

Кон крајот на април годинава Владата ја избра за вршител на должноста претседател на Инспекцискиот совет Даниела Рендевска, откако од таа позиција ја разреши Магдалена Филиповска-Грашкоска, претходна долгогодишна директорка на институцијата, а за која ја намени позицијата в.д. претседател на Фондот за здравство.

Магдалена Филиповска Грашкоска јавноста ја памети и по тоа што за време на мачната корона криза во земјава, која бараше засилени ангажмани на сите инспекциски служби во земјава, држеше редовни пресконференции заедно со сите други директори на Инспекторатите, и редовно ги информираа граѓаните за сите наоди и санкции кон оние кои ги прекршуваа законите. Но, откако Грашкоска доби еден вид повисока функција – ФЗО, нејзиното место го зазема друга дама – Даниела Рендевска.

Речиси вообичаена практика на Владата и стана прво да избере в.д. директор на инспекциските служби или други владини органи, а потоа да распише оглас за избор на редовен директор.

На тие огласи можат да се пријават сите што ги исполнуваат условите, што значи дека не се исклучува битка меѓу повеќе кандидати. Но, крајниот ефект од целата оваа постапка, во најголемиот број случаи, е дека потоа повторно се избира личноста која веќе била именувана за в.д. директор, што значи дека шансите за Рендевска да биде избрана за редовна претседателка на Инспекцискиот совет се многу големи, па дури и стоотстотни.

Инаку, огласот кој го распиша Владата и кој ќе трае до 17 јуни е за избор на претседател и еден член на Инспекцискиот совет, кој ќе биде од областа животна средина и заштита на здравјето на луѓето. Владата вели дека новите претседател и член функцијата ќе ја извршуваат професионално, со мандат од четири години.

Услови, меѓу другите, се - на кандидатите во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не им е изречена казна затвор или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, да имаат стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен, потоа, кандидатот за претседател да има најмалку шест години работно искуство на раководно работно место по дипломирањето, а членот пак, да има најмалку шест години работно искуство по дипломирање, во областа животна средина и заштита на здравјето на луѓето.

„Претседателот и членот на Инспекцискиот совет не може да бидат членови во органи и тела кои ги избира или именува Собранието или Владата“, се вели во огласот.

Коефициентот за пресметување на плата е утврден согласно Одлуката за утврдување на коефициенти за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата.

Инаку, за Инспекцискиот совет, на неговата веб страница е наведено дека е клучната институција во системот на инспекциски надзор. Советот, за прв пат е воспоставен како постојано меѓуресорско тело за координација на инспекциските служби, во 2010 година, а во 2014 година прераснува во самостоен државен орган задолжен за спроведување на делокругот на надлежности утврдени со закон, а во 2019 година, неговиот статус е изменет во самостоен орган на државната управа, чија основна надлежност е следење и координацијата на работењето на инспекциските служби на централно ниво.

За Даниела Рендевска, кога беше именувана за в.д. претседателка, беше наведено дека е родена во 1977 година во Скопје. Се стекнала со диплома дипломиран правник во 1999 година, на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Има положено и правосуден испит, во 2015 година. Има повеќе од 18 години работно искуство како раководен државен службеник. Нејзината работна кариера како државен службеник ја започнува во 2000 година, во Министерството за животна средина и просторно планирање. Била член на Комисија за денационализација и заменик член на Комисијата за посредување од областа на животната средина.

„Течно зборува англиски јазик, како и јазиците од поранешна Југославија. Поседува и солидно познавање на рускиот јазик.Поседува сертификати и дипломи од голем број меѓународни обуки од областа на меѓународното и европското законодавство од областа на животната средина“, се вели во биографијата на Рендевска.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести