Економија, финансии, бизнис

Контакт

Васко Наумовски ќе биде нов преговарач на Македонија за името

Васко Наумовски ќе биде нов преговарач на Македонија за името
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, сега амбасадор на Македонија во Вашингтон Васко Наумовски ќе биде нов претставник на Македонија во разговорите околу името со соседна Грција, потврдија со соопштение од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов доцна вечерва. „Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, донесе одлука со која д-р Васко Наумовски, идниот амбасадор на Република Македонија во САД, го поставува на должноста специјален пратеник на претседателот во разговорите кои под покровителство на ОН се водат за разликата околу името. Досегашната функција специјален пратеник на претседателот во разговорите за името ја извршуваше г. Зоран Јолевски“, стои во краткото соопштение од претседателскиот кабинет. Со името на новиот преговарач за името од македонска страна се шпекулираше подолго време, откако досегашниот претставник во разговорите Зоран Јолевски беше назначен за министер за одбрана. Уште тогаш беше извесно дека за позицијата во разговорите што се водат под покровителство на Обединетите нации ќе мора да се бара друго решение, а како најсериозен кандидат се споменуваше Наумовски токму затоа што тој од Јолевски ја презеде и амбасадорската позиција во Вашингтон. Со ова Наумовски станува четврти претставник на Македонија во разговорите за разликите околу името. Освен Јолевски, оваа функција претходно ја извршуваа и Никола Димитров и Вања Тошевски. Назначувањето на Наумовски на функцијата доаѓа непосредно пред новата посета на медијаторот Метју Нимиц на регионот, која се најавува за крајот на месецов. Наумовски е роден во 1980 година, а докторирал на Правниот Факултет “Јустинијан Први“ во Скопје на тема од областа на влијанието на европските институции и проширувањето на Европската Унија со државите од Западниот Балкан. Тој беше вицепремиер за евроинтеграции во периодот од 2009-2011 година.
Слично

Поврзани вести