Варуфакис предупреди дека Шпанија може да е новата Грција
Поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис, предупреди дека Шпанија може да биде зафатена од судбината на Грција, ако не ги преземе навремено потребните економски мерки. Тоа го изјавил Варуфакис во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“.
Според него, властите во Мадрид треба да направат детална анализа на социјалната и економската политика и врз основа на своите заклучоци да проценат што е потребно да се преземе за доброто на својата земја.
„Ако се повторат истите грешки, како оние кај нас, останува опасноста Шпанија да биде новата Грција“, изјавил Варуфакис, кој беше дел од кабинетот на премиерот Алексис Ципрас, но поднесе оставка на 6-ти јули, ден по референдумот, на кој мнозинството грчки државјани се спротивставија на предлозите на меѓународните кредитори. Недела дена потоа, на 12-ти јули, Ципрас ги усвои сите услови за строгите економски мерки.
Шпанскиот премиер Маријано Рахој на неколку пати предупредил дека ако левичарската партија Подемос, која е блиска до грчката Сириза на Ципрас, победи на општите избори на крајот на годината, земјата може да западне во криза, ако биде сменет економскиот курс во земјата.
По повод овие тврдења Варуфакис веле дека „Грција се претворила во фудбалска топка за десничарските политичари кои им се закануваат граѓаните со Грција“.
