Варуфакис го менува планот, ќе оди во Париз!
Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис го поместил за денеска својот планиран пат во Париз, соопштуваат од неговата канцеларија.
„Министерот ќе отпатува во Париз денеска наместо во понеделник“, рекол портпаролот на грчкото министерство за АФП и додал дека се очекува Варуфакис во неделата да има состанок со француските претставници.
Варуфакис, економистот кој се противи на мерките за штедење, требаше да се состане со францускиот колега Мишел Сапин и министерот за економија Емануел Макрон во понеделникот попладне.
Новата грчка влада на премиерот Алексис Ципрас е избрана претходната недела со ветување дека ќе го преиспита непопуларниот договор за заемот на Грција со нејзините меѓународни кредитори Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд и ќе избриша половина од долгот на земјата.
Ципрас исто така ќе ја посети Франција и Италија наредната недела во настојување да обезбеди поддршка за својата политика.
Германија ја исклучи можноста за отпишување на долгот на Грција.
