Ванковска: Потписи до полноќ се собираа само за Иванов!
Професорката Билјана Ванковска со соопштение до јавноста објави дека не успеала да ги собере потребните 10.000 потписи за да се кандидира за претседател. Според неа, цензусот од 10.000 потписи, два пати повисок од оној во Словенија, е недостижен за независните кандидати кои се обидуваат потписите да ги соберат без партиска поддршка.
Сепак, во соопштението, таа се пожали и на проблеми во процедурата и техничките услови за собирање на потписите, а ДИК не обезбедила навремени информации за бројот на канцеларии, за нивните локации и за работното време.
„Ако во првите денови имаше канцеларии кои воопшто не беа отворени, во последните два дена за чудо беа вложени дополнителни напори, опрема и кадар за да се овозможи собирање потписи за актуелниот претседател на Републиката, а на надлежните им беше наложено да работат до полноќ. На тој начин, државните институции јавно се ставија во служба на власта“, стои во соопштението.
Дополнително, Ванковска тврди дека граѓаните кои сакале да се потпишат за неа се соочувале со притисоци и партиски мониторинг, заради кои имало случаи на граѓани кои побарале да ги повлечат веќе дадените потписи.
Дел од одговорноста професорката бара и кај медиумите кои не покажале интерес да објавуваат конкретни и практични информации до јавноста, особено околу недостапните канцеларии на ДИК и другите неправилности во текот на процесот, а се интересирале само за бројот на собраните потписи.
Разочарана од ваквиот однос, Ванковска пред два дена на Фејсбук најави дека ова соопштение ќе биде нејзино последно во јавност, а таа во целост ќе се повлече од давање изјави и коментари во медиуми, со исклучок на нејзините колумни.
Претходно, неуспех да ги собере потребните потписи за претседателска кандидатура објави и Стојанче Ангелов од „Достоинство“, кој сепак најави дека трката ќе ја продолжи на најавените предвремени парламентарни избори.
Слично
