Ване Цветанов со писмо од притвор: Не ми дозволуваат лекарски преглед!
Поранешниот директор на Дирекцијата за спречување перење пари и функционер на ВМРО-Народна партија Ване Цветанов со писмо од Истражниот затвор - Скопје обвинува дека притворениците не добиваат соодветна здравствена заштита и дека таму ги третираат како робови.
Цветанов, кој во затворот во Шуто Оризари го чека крајот на судскиот процес за аферата „Шпион“ во која е обвинет, тврди дека со месеци бара испитувања на црниот дроб и крвна слика, но управата на затворот не му ги дозволува.
„Без разлика што презумпцијата на невиност е загарантирана, а со тоа и сите човекови права во кои спаѓа и здрваствената заштита, во притворот таа е никаква благодарение на докторите. Многу поголема веројатноста е да се добие бинго со џек пот, отколку притвореник да добие упат за детален специјалистички преглед“, наведува Цветанов во писмото испратено до повеќе медиуми.
Судијата и управата на затворот за да одобрат испитување, барале дозвола од лекарите во Шутка, а лекарот за да даде упат му била неопходна медицинската документација на притвореникот од перидот кога бил на слобода.
„Дали затворени по 23 часа на ден меѓу четири ѕида, во просторија во која јадеме, одиме по нужда во истата, и во истите спиеме не можеме да заболиме од ниту една болест додека сме притворени? Според теоријата на докторот - не. Од докторот побарав писмена гаранција за моето здравје, но тој одби да ја потпише и понатаму не дава упат. Третманот од страна на затворските чувари е човечки и коректен, сосема професионален. Но третманот од страна на докторите е многу, многу полош од третман кон робови“, тврди Цветанов.
Неговиот случај најави дека ќе го испита и Народниот правобранител.
Фото: А1он
Фото: А1он
Слично
