Ване Цветанов даде исказ за „Шпион“ зад затворени врати
Поранешниот директор на Агенцијата за перење пари Ване Цветанов зад затворени врати го даде својот исказ во судскиот процес за аферата „Шпион“.
На барање на обвинителството, судот ја исклучи јавноста од судењето во моментот кога Цветанов започна да зборува. Обвинителството ваквото барање го објаснило со фактот дека за време на сослушувањето ќе биле презентирани документи класифицирани како државна тајна.
Сведочењето на Цветанов пред судот траеше неколку часа. Првоосомичениот за случајот со шпионската мрежа, Марјан Ефремов, одлучил да се брани со молчење. Сепак неговата одбрана остави простор тој да се премисли и да одлучи да зборува во подоцнежниот тек на постапката.
Со обвинението за Шпион опфатени се 19 лица обвинети за шпионажа, уцена, измама, злоупотреба на службената положба и уште неколку кривични дела. Меѓу нив е и поранешниот шеф на кабинет на спикерот Трајко Вељаноски, Маријан Маџоски.
Дел од обвинетите по сопствено барање одлучија исказот да го дадат зад затворени врати, а во случајот на Цветанов тоа го побара обвинителството.
Слично
