Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВАКЦИНАЦИЈАТА ВО ЛЕР, ЌЕ СЕ НАБАВУВААТ ВОЗИЛА: Министерство за здравство објави оглас

ВАКЦИНАЦИЈАТА ВО ЛЕР, ЌЕ СЕ НАБАВУВААТ ВОЗИЛА: Министерство за здравство објави оглас

Министерството за здравство ќе набавува специјализирани пикап возила за дистрибуција на вакцини. Огласот е веќе објавен, а компаниите кои се заинтересирани треба да ги достават понудите до 11 мај годинава. Оваа јавна набавка е дел од годишниот план на Министерството за здравство во кој освен набавката на специјализираните возила има намера за објава на огласи за замрзнувачи преносни фрижидери за чување вакцини, но и набавка на хардверска опрема за вакцинални пунктови. Во годишниот план стои дека тие требало да се објават во февруари, но огласот за возилата е објавен деновиве. За сите три заедничка карактеристика е што стои забелешката „грант од ЕУ“, но повеќе детали не се откриваат.

Во огласот пак кој веќе стои на системот на јавни набавки не се прецизира колку возила треба да се купат. Наведено е дека критериум за избор е најниската цена и пропишани се точно условите кои треба да ги исполни операторот. Возилата треба да се нови и да имаат вградени фрижидери за пренос на вакцините.

Овие набавки се прават во период во кој има многу слаб интерес за вакцинација на граѓаните. Фактор веќе пишуваше дека месецов заврши и Караванот за вакцинација. Медицинските екипи, придружувани од волонтери на Црвениот крст и студенти од медицински здруженија, споделуваа веродостојни информации за вакцинирањето против, како и за придобивките од вакцинацијата и ризиците од болеста доколку не се прими вакцината. Сепак интересот за вакцинација е мал.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, околу 41,2 отсто од вкупното население во земјата е вакцинирано со две дози.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски деновиве изјави дека не очекува нов бран на заболувања од Ковид-19 до следната есен

Најави и нови дози вакцини. 

„За на есен ќе имаме договор со Џонсон и Џонсон, следна е Модерна која ќе ја имаме, а останува и соработката со Фајзер. Бројот на дозите се 100.000 до 200.000. Овие три вакцини планираме да ги имаме. Ќе вртиме на луѓе, дали сте се вакцинирале, кој е проблемот? Ќе бидат таргетирани сите ризични групи, а потоа ќе следуваат оние кои подолго од шест месеци не се вакцинирале. Планираме во мирниот период да организираме достапно тестирање, да нема чекање два, три дена, пет дена. Разговараме за набавување на лекови кои се даваат во првите денови кај ризичните болни, рече Петличковски.

А.Т.

Слично

Поврзани вести