ВАКА БУГАРИЈА ЌЕ ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО ЛУКОИЛ! Го менуваат законот, Русите нема да имаат право на глас ниту можност за жалба
Бугарија подготвува измени во законот што ќе ѝ овозможат да ја преземе контролата врз рафинеријата во Бургас, во сопственост на санкционираниот руски нафтен гигант Лукоил, и да ја продаде на нов сопственик со цел да го заштити објектот од санкциите на САД, објавија локалните медиуми, како што објави Ројтерс.
Бургас е единствената рафинерија за нафта во Бугарија и беше клучен дел од странската бизнис-империја на Лукоил, која почна да се урива во последните денови откако САД минатиот месец ѝ се придружија на Велика Британија во воведувањето санкции врз двете најголеми руски нафтени компании поради војната на Москва во Украина.
Според нацрт-законот, кој првпат го објави бугарскиот портал Медиапул во среда, специјално назначен администратор ќе ја надгледува продажбата на рафинеријата во Бургас, а Лукоил, нејзиниот сопственик, нема право на глас ниту можност за жалба, се вели во извештаите.
„Ова има многу смисла, затоа денес ќе поднесеме предлог-закон за специјален администратор“, изјави поранешниот премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, чија партија ја предводи коалициската влада на Бугарија, цитиран од јавниот радиодифузен сервис БНТ.
Назначувањето специјален администратор кој привремено ќе ја преземе оперативната контрола врз работењето на Лукоил во Бугарија „ќе обезбеди енергетска безбедност, ќе спречи криза во снабдувањето и однапред ќе го ублажи ризикот од идни или секундарни санкции“, рече Мартин Владимиров, директор за енергија и клима во Бугарскиот центар за проучување на демократијата.
Лукоил е под притисок да ја продаде својата рафинерија во Бургас поради западните санкции врз Русија. Новинската агенција РИА објави во јануари дека компанијата одредила цена од 2 милијарди долари. Бугарија во 2023 година воведе одредба за назначување специјален администратор за критична инфраструктура во Бургас.
Курир.рс