В петок СОНК излегува на протести
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура в петок ќе организира протест пред Министерството за образование и наука. Протестот се организира со подолг список барања од СОНК за надминување на проблемите во образованието. Доколку до крајот на август не бидат исполнети барањата на СОНК, не е исклучено стартот на учебната година да се одложи со генерален штрајк.
„Договорено беше социјалните проблеми по дејности да се решаваат по пат на преговори до крајот на јули. Ние на првиот ден од август јавно и јасно кажуваме дека проблемите во дејностите не се решени, дека она што беше доставено како заклучок до ресорните министерства и не се решат проблемите се поставува и прашање за почетокот на учебната година. Ние не се закануваме туку ги потсетуваме ресорните министри и Министерства дека доколку во текот на август не се реализираат нашите барања тогаш Советот на СОНК ќе одржи седница и ќе донесе одлука за почетокот на новата учебна година“, вели претседателот на СОНК Јаким Неделков.
СОНК бара повисоки плати во предучилишното, основното и средното образование, не се согласува со моделот на екстерното тестирање, на начинот на исплата на платите во високото образование и култура, во кои области бара склучување колективен договор.
Во причините за протестот СОНК наведува дека е загрижен за многу состојби во образованието, науката и културата, како и дека во тие ресори има политизација, а надлежните институции свесно или не, не преземаат мерки за надминување на состојбите.
Според Неделков најавата на протестот не треба да се поврзува со проблемот на тројцата професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ на кои СОНК има дава поддршка.
Сепак, СОНК е крајно загрижен за судбината на тројцата професори кои штрајкуваат со глад и додаде дека согласно сите позитивни законски решенија тие имаат право на напредување во своите звања и право на работа.
Слично
