Економија, финансии, бизнис

Контакт

Узунов: Средната класа нема да зависи и да чека милостиња од некоја влада

Узунов: Средната класа нема да зависи и да чека милостиња од некоја влада
Општество на бројна и финансиски стабилна средна класа, граѓани што ќе имаат извесност во иднината - ваква е визијата на опозициската СДСМ за Македонија, вели потпретседателот на партијата Ванчо Узунов во интервју на Радио Слободна Европа. Според него, кога најголемиот дел од граѓаните ќе бидат така наречена средна класа, оние што имаат стабилни работни места и приходи коишто можат да го планираат нивниот семеен буџет на предвидлив начин, нема да зависат и да мора да чекаат милостиња од некоја влада. „Значи луѓето сè повеќе се зависни и од тука мирни, послушни и уште повеќе да ги исплаши со казни и бизнисмените да нема слобода на размислување и преземање потфати бидејќи, како што разговарам со бизнисмените, ми велат - Ако не си близок со владата, може кога сакаат да те затворат и кога сакаат да те спасат. Тоа е намерно преземен модел на владеење на оваа влада, затоа што така ја одржува својата власт. Не испорача ниту едно до своите економски ветувања, стандардот на граѓаните воопшто не го подобри, напротив. Постојано се вади дека виновник е европската криза или не знам кој или Грција што ни прави проблем со името, не е владата никако крива, но бидејќи веќе нема популарност за да се одржи на власт, а сака што подолго да остане на власт, се држи на власт со тоа што ги менува темите кон популизам или кон заплашување на граѓаните и нивно сведување на послушни луѓе бидејќи немаат финансиски извесност, се сиромашни. Тоа е моделот на владата и тој е преточен во предлог буџетот за 2014 година“, смета Узунов. Според него предлог мерките на СДСМ, ќе значат поправедна прераспределба на новосоздаденото богатство и сиромашните граѓани ќе ги одвлече од позиција на сиромаштија, нема да ги направи богати, но ќе ги направи средна класа. „СДСМ никогаш не ја напаѓал владата дека многу троши, туку секогаш велевме дека многу троши на непотребни нешта. Не самото многу трошење во период на лоша економска ситуација е како политика исправно. Вие не може да штедите, државата не може да штеди тогаш кога ситуацијата е лоша, ќе штеди кога ситуацијата ќе стане добра, но тоа не значи да троши на непотребни работи, на луксузирања, тогаш кога нема, туку да троши како да го одржи стандардот на граѓаните и како да ја зголеми продуктивноста на економијата, така што СДСМ не вели ние нема да трошиме колку сегашната влада, ама нема да трошиме на таков начин и за тие цели. Нема трошење за никакви споменици и мермери и цигли во згради и такви работи. Ќе се инвестира во инфраструктура, патишта, автопатишта, железница, енергетски постројки и голем дел инвестиции во нешто што значи зголемување на продуктивноста на приватниот сектор, не на владата, не на јавниот сектор, на приватниот сектор за да може тој сектор да вработува граѓани и да исплаќа поголеми плати во иднина“, вели Узунов за Радио Слободна Европа.
Слично

Поврзани вести