Узунов : Од април до крајот на јуни домашниот долг е зголемен за цели 40 милиони евра!
Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ апелира Владата веднаш да престане со задолжувањето на земјата и смета дека ваквата нејзина економска политика недвосмислено ја води државата во колапс. Тој прашува што ќе се случи ако Владата продолжи со ваквата динамика на задолжување.
„Напоменувам дека во периодот од април до крајот на јуни домашниот долг е зголемен за цели 40 милиони евра! Па така, ако продолжи ова темпо на задолжување, а нема никакви навестувања од Владата дека планира да ја промени својата економска политика, проекцијата е дека до крајот на годината внатрешниот долг на државата ќе се искачи на над една милијарда евра – предупредува Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ на денешната прес-конференција.
Тој потсетува каква е сегашната состојба со долгот на земјава.
„Согласно најновите податоци на Народната банка, само домашниот (внатрешниот) долг на крајот на месец јуни (вториот квартал од годината) изнесува речиси 940 милиони евра. Тоа поедноставено значи дека секој граѓанин на Македонија, па дури и дечињата родени на почетокот на овој месец поединечно се задолжени со околу 470 евра – објасни Узунов.
Тој додава дека досегашното искуство не влева оптимизам дека власта ќе ги прифати укажувањата и ќе се обиде да се коригира.
„Напротив, очекуваме реакција во познатиот стил - опозицијата е виновна за се, зачинета со неизбежните лични навреди„ рече Узунов.
Ваквата реакција е предизвикана од новото задолжување на Владата за уште околу 20 милиони евра, преку издавање на четири пакети државни хартии од вредност, иако планираше да се задолжи со 18,8 милиони евра.
Како што информираа од Министерството за финансии, вчера биле издадени два пакета од двегодишни државни обврзници, еден пакет петгодишна обврзница и еден пакет шестмесечни државни хартии од вредност.
