УВЕЗУВААТ НОВ ТИП ЗЕЈТИН ЗА ДА НЕ СЕ ПРОДАВА ПО ЗАМРЗНАТАТА ЦЕНА: Пазарните инспектори прво пазарат па контролираат
Ќе се чека одлуката за највисока маржа за одделните производи да излезе во Службен весник па пазарните инспектори на терен ќе проверуваат како се спроведува. Широката акција за контрола ќе почне веднаш, вели првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска за Фактор. Информира дека во последниот период немало претставки за непочитување на замрзнатите цени, одлука која за одделни производи почна да важи од декември лани.
Сепак Симеска-Димоска признава дека субјектите на пазарот наоѓаат начини како да се изигра некоја одлука. Имало случаи кога некои трговци внесувале нови странски производи од одделен тип за кои одредувале повисоки цени и покрај тоа што за нив цените биле замрзнати. Државниот пазарен инспекторат од 07 до 13 февруари извршил вкупно 42 инспекциски надзори на целата територија на државата во врска со оваа одлука и Законот за управување со пакување и отпад од пакување.
Издадени се вкупно 102 прекршочни платни налози за сторен прекршок и утврдена глоба во истите во зависност од големината на правниот субјект
„Ние редовно вршевме контроли, но во последниот период немаше значајни прекршувања, ниту претставки. Сега за ова мерка ќе чекаме да излезе во Службен весник, што најверојатно ќе се случи денеска или деновиве и по почетокот на важењето односно на 1 март веднаш ќе излеземе на терен во контрола. Со ограничувањето на маржите се добива поширока димензија на замрзнувањето на цените, односно ограничувачки фактор и ќе нема простор за манипулација, вели Симеска- Димоска.
Владата вчера донесе одлука со која се замрзнуваат цените на дополнителни продукти како што се овошјето, зеленчукот и пченицата и се определува највисоката трговска маржа.
Со оваа одлука се определува највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата со следните производи: леб, шеќер, сол, брашно – тип 400, сурово сончогледово масло и сончогледово масло за јадење; трајно млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 проценти и 3,5 отсто свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда, ориз, јајца, тестенини, пченица, овошје и зеленчук.
„На трговските друштва и трговците поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на наведените стоки се утврдува трговска маржа до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно во вкупен износ до 10 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на мало. Кај трговците на големо, трговската маржа до 5 проценти се однесува за сите учесници кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо, соопштија од Владата.
Симеска-Димоска вели дека инспекторите најчесто „пазарат“ во дуќаните и потоа за секој производ прават споредба на цените кои се наплатени во тие со евидентните листови.
„Ние утврдивме дека некои добавувачи ги зголемија цените и пред ограничувањето на цените, а трговците мораа да ги купат производите од нив поради договорите кои се однапред утврдени и поради динамиката на испорака. Поради тоа, многу трговци работеа и под утврдената маржа. А имаше ситуации и кога на пример се увезуваше нов зејтин кој се претставува како нов производ а сепак е зејтин, вели Симеска-Димоска.
Инаку вчерашната одлука на Владата предвидено е да се применува од 1 март 2022 година до 31 мај 2022 година, заради потребата да се ограничи растот на цените во следните три месеци, односно трговската маржа да нема значајно влијание во растот на цените по престанувањето на важењето на одлуката за определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
А.Т.
