Утврдени насоките за продажба на Хипо Алпе Адриа на Балканот
Собранието на акционери на австриската Хипо Алпе Адриа банката ги постави насоките за продажба на банките-ќерки во цела југоисточна Европа. Акционерите одлучиле „СЕЕ Холдинг“ со соте ќерки-банки на Балканот да бидат предадени на посебно правно лице во австриска државна сопственост, а остатокот од Хипо банката надвор од балканските земји да премине во банка за разградување, што подразбира нерентабилните деловни единици постепено да се гаснат.
Исместениот „СЕЕ холдинг АГ“ со банките на Балканот во иднина ќе делува како Хипо Груп Алпе Адриа АГ и австриската држава треба да го продаде во текот на овој месец. Во моментов се водат преговори само со еден понудувач, американскиот фонд Адвет.
Претседателот на управниот одбор на Хипо банката Александер Пикер смета дека со одлуката на акционерското собрание е донесен важен формален чекор со кој се создадени услови за разградување на банката.
Доколку тече се по план, продажбата на ќерките-банки во балканските земји, односно потпишувањето на соодветниот купопродажен договор, ќе се објави пред 30 октомври.
Оваа банка поседува свои „ќерки“ во Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина. Хипо банката ги чинеше австриските даночни обврзници 5.5 милијарди евра од обидите за нејзин спас во 2009 година, а се очекува за ваквата трансформација да бидат потребни и дополнителни средства.
Слично
