Утврден е изборниот законик, еве како ќе изгледаат изборите во април
Претставниците на четирите политички партии, осум дена по пробивањето на рокот, денеска успеаја да постигнат договор за изборниот законик.
Според новото решение ќе се избираат три пратеници од дијаспората во една изборна единица.
Во Македонија пак ништо не е сменето. Ќе се гласа во шест изборни единици со по 20 пратеници.
Активна регистрација на гласачите нема да има, а теренската проверка ќе се прави само одредени места каде ќе се јави потреба.
Во ДИК место со апсолутно мнозинство ќе се гласа консензуално, кога ќе бидат во прашање етничките заедници.
"Ако не се постигне консензус по одредени прашања, тогаш настапува Управниот суд. Избирачкиот список останува квалитативно и квантитативно ист како и досега. Конечно,по многу одложување постигнавме договор и сме чекор напред во обезбедување на условите за одржување избори во април следната година", изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Од друга страна, СДСМ денеска рече дека се повлекува од договорот од Пржино, поради преполовувањето на тимот на Катица Јанева, која од предложени 14 обвинители доби седум.
Од партијата рекоа дека утре ќе излезат со конечно решение.
