Утврден Дополнителниот предлог-буџет за 2021 година со прифатени 18 амандмани
Утврден e Дополнителниот предлог-буџет за 2021 година со прифатени 18 амандмани, информираат од Владата, по одржаната 27-ма седница.
Владата прифати 18 амандмани кои произлегоа од расправата за буџетот во собраниските комисии и донесе одлука текстот на дополнетиот Предлог-Буџет за 2021 година да биде доставен во Собранието на Северна Македонија на усвојување.
„Во оваа насока беа прифатени и заклучоци кои гласат: кај буџетскиот корисник - Уставен суд на Република Северна Македонија да се предвидат дополнителни средства во износ од 9 милиони денари, во делот наменет за плати и надоместоци, како и со Измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година да се обезбедат дополнителни средства за постигнување и одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис“, се наведува во соопштението.
На предлог на Министерството за финансии, Владата ја усвои ревидираната Фискална стратегија на Република Северна Македонија за 2021 – 2023, со дополненија до 2025 година, во која се предлагаат насоките и целите на фискалната политика, основните макроекономски проекции и показатели, се утврдуваат износите за главните категории проценети приходи и одобрени средства за тој период, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.
