Економија, финансии, бизнис

Контакт

Утре седница на Координативното тело за туризам, се бара смена на Јаневски, тој не го прифаќа ставот на коморите

Утре седница на Координативното тело за туризам, се бара смена на Јаневски, тој не го прифаќа ставот на коморите

Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителската комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори и Националната асоцијација за дојдовен туризам, деновиве го повторија барањето за итна смена на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.

Тој на крајот на минтата недела одржа прес-конференција на која ги соопшти резултатите од сработеното во првите десет месеци од годинава, најавувајќи ги и активностите за 2021-ва. Јаневски рече и дека не го прифаќа повикот за оставка од коморите.

Стопанската комора за туризам на Македонија во меѓувреме го повтори ставот дека оставката на Јаневски е непотребна, а барањето за негова смена е претенциозно.

За утре, пак, е закажана седница на Координативното тело за туризам во кое членуваат сите засегнати страни. Како што соопшти директорот на Агенцијата, Јаневски, на седницата ќе бидат изнесени нови предлог-мерки за ублажување на ударот од корона кризата во туризмот. Се очекува да биде ставено на маса и барањето за итно конституирање на владиниот Комитет за туризам како тело од највисок ранг кое би ги разгледувало предложените мерки, но и кое би дејствувало како механизам за изнаоѓање решенија и надминување на пречките за развој на туризмот.

Здружението на угостителството и туризмот, Туристичко-угостителската комора и НАИТМ велат дека се репрезенти на над 95 отсто од туристичко-угостителскиот сектор, како и дека подолго време укажуваат на некооперативност, дисфункционалност и непродуктивност на ресорната институција одговорна за промоција и поддршка на туризмот, поради што минатиот месец јавно побараа итна смена на Јаневски, а кон ова барање се приклучи и Независната угостителска комора.

Слично

Поврзани вести