Утре се отвора Саемот за градежништво, најавени се 300 изложувачи
Од утре па се до сабота на Скопскиот саем во Скопје, ќе се претстават околу 300 компании од областа на градежништвото, во рамките на 10-тиот Меѓународен саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација. Освен од земјава, претставници ќе има од Србија, Турција, Италија, Словенија, Косово и Германија.
Во три изложбени хали на површина од 9.000 метри квадратни ќе претстават градежни материјали, изолација, кровови, малтери, лепаци, бои и лакови, подови, лифтови, системи за обезбедување, плочки и санитарии, врати и прозори. Во надворешниот изложувачки простор пак, ќе се претстават компании со програма од градежната механизација.
„Саемот за градежништво и оваа година ќе понуди богата програма од градежната индустрија, а капацитетот е зголемен за 10 проценти во однос на минатата година. Ќе се промовираат, нудат и продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти и имоти, а сето тоа ќе привлече експерти од областа на градежната индустрија кои ќе дискутираат и склучуваат зделки во кои ќе ги вклучат и новите трендови во повеќе категории“, изјави oперативниот директор на Саемот за градежништво Валентина Димитрова.За време на Саемот ќе биде најавената понудата од инвеститорите на 1.500 нови станови, на најголемите градежни компании во земјава. Во рамки на годинешната програма ќе се одвиваат и повеќе настани во Конгресниот центар на Скопски саем и на штандовите на изложувачите. Во среда ќе се одржи презентацијата на тема „Искористување на волната и текстилниот отпад во изработката на изолациски материјали за градежната индустрија”, во организација на Агенцијата за енергетика, CeProSARD и Скопски саем. Проектот „Урбан Еко Експо 2013“ ќе има промоција во Метрополис Арена, каде секојдневно ќе се одвиваат презентации и промоции на тема „Зелена урбана палета“.
Слично
