УТРЕ СЕ ОДЛУЧУВА ЗА ТОПЛИФИКАЦИЈА: Чифлиганец: И да не одбијат, ќе прифатиме, даваме 9,3 милиони евра, а почетната цена беше 165.000 евра
Собранието на доверители на Топлификација кое треба да се одржи утре ќе треба и да одлучи дали се прифаќа понудата на Адора инженеринг која на лицитација успеа да понуди највисока цена за топланите Исток и Запад кои се дел од стечајната маса на Топлификација. Ванчо Чифлиганец генерален директор на компанијата вели дека доколку Собранието на доверители одлучи дека не е задоволно со понудата, Адора инженеринг ќе ја прифати без оглед, односно без разлика дали е позитивна или е негативна за нив како најповолен понудувач. Тие како што е познато за топланите понудија 9,3 милиони евра.
Чифлиганец вели дека во јавноста имало доста коментари во однос на понудата но дека нивната идеја била мотивирана од желбата овој бизнис да биде во домашни раце и дека така Адора инженеринг ќе биде прв правен субјект досега што реално платил за овој бизнис. Објаснува дека топланите во градот Скопје се изградени во 60-тите години со тогашни државни пари, а околу 2000-та година, Топлификација АД се приватизира од страна на вработените.
„Од 2013-та година, друштвото БЕГ Производство ги стопанисува топланите без да има сопственост врз нив, односно ги има под наем. Ние денес, за прв пат од кога постојат, плаќаме 9,3 милиони евра за истите. Адора инженеринг ќе го употреби целото наше менаџерско знаење, искуство и визија да оствари оптимизација, модернизација и заштеди во процесот, што како резултат ќе обезбеди заштеди за граѓаните, а за нас како инвеститори, транспарентна економска исплатливост од бизнисот. За Адора инженеринг, износот на оваа инвестиција не е воопшто занемарувачки, односно успешноста или неуспешноста на истата може да биде од егзестинцијален карактер за компанијата. Овие средства исто така имаат опуртунитетен трошок и постојат многу можности за нивно вложување во останати деловни гранки, вели Чифлиганец.
Во прозивките на акционерите на Топлификација дека компанијата вреди многу повеќе Чифлиганец, вели не сака да навлегува, но вели дека е познато оти за Топлификација АД беше отпочната стечајна постапка и имотот кој што веќе години наназад е стопанисуван од БЕГ без да има сопственост за истиот, односно го користи под наем, беше предмет на продажба од страна на стечајната постапка. Идејата, како што вели била добронамерна и позитивно стратешка за градот Скопје.
„Понатаму, за самиот купопродажен процес. Адора инженеринг се пријави на транспарентна јавна лицитација за купување на пакет број 1 од лицитацијата, односно само имотот на Топланите Исток и Запад. За да биде јасно, ние не го купивме целиот имот на Топлификација проценет на 30 милиони евра, не купивме никакви идни побарувања, сопственички удели во ТЕ-ТО, ниту ништо друго освен Топланите Исток и Запад. Исто така, исклучително важно да се знае е тоа што иако имотот на Топланите Исток и Запад, кој што всушност се делот кој влегува во регулираниот бизнис со топлинска енергија е проценет на 17 милиони евра, во Регулаторната Комисија за Енергетика, тие се со запишана сметководствена вредност од околу 8 милиони евра, на кој износ се пресметува Одреден Регулиран Принос на капитал. На јавната лицитација можеше да се пријави било кое лице или субјект. Лицитацијата беше организирана од страна на стечаен управител и Адора инженеринг немаше апсолутно никакви ингеренции ниту улога во истата, освен како заинтересирана странка. Лицитацијата беше без почетна цена со единечен праг на наддавање од 165 000 евра, односно некој можеше да понуди 165 000 евра и лицитацијата да заврши. Адора инженеринг понуди највисока цена, односно 9,27 милиони евра со сите вклучени даноци, по што немаше понатамошни понуди, вели Чифлиганец.
Додава дека во бизнисот со производство на топлинската енергија во овој момент има многу мала или, кога од одобрениот принос на капитал таканеречен WACC ќе се одземат банкарските камати, речиси и да нема економска исплатливост.
„За ние да сме во можност и да имаме оправданост да ја развиваме оваа гранка на про-активен начин, круцијално е за нас како инвеститори, да се има економска логика во работењето. Тоа не значи задолжително зголемување на цената за греење, бидејќи во целиот процес веруваме дека постојат начини да се направат заштеди, оптимизации и модернизации во работењето, со што финално би можело да се добие и поголема економска исплатливост во работењето и реални сметки за граѓаните. Исто така, би сакале транспарентно да соопштиме дека цената на гасот е најголемиот фактор во крајната цена на топлинската енергија, а денес цената на гасот е на рекордно високо ниво, што не значи дека задолжително ќе остане така, односно во иднина, овој ценовен шок би требало да се стабилизира, вели Чифлиганец.
