Утре пресуда за случајот „Монструм“
Во Основниот суд Скопје 1 утре се очекува да биде изречена пресудата за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Пресудата за случајот „Монструм“ требаше да биде донесена уште минатата недела, но изрекувањето се одложи заради болест на главниот судија Ивица Стефановски.
Седумтемина обвинети се соочени со казни затвор од 10 години до доживотно по обвиненијата за тероризам. Двајца од нив - Алил Демири и Африм Исмаиловиќ пресудата ќе ја дочекаат во затвор во Косово, каде што беа осудени за недозволено поседување оружје.
Иако Македонија официјално побара екстрадиција на двајцата осомничени од Косово, сепак косовските власти одлучија најпрво да одговараат за делото извршено на косовска територија.
Според обвинителниот акт, обвинетите на 12 април 2012, за време на Велигденските празници, со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското Езеро, меѓу кои и четири млади момчиња.
На претходното рочиште кога беше закажано изрекување на пресудата, во судот дојдоа роднините на убиените, а пред судот роднини и пријатели на обвинетите организираа протест.
Слично
