После 170 години, ќе се осветува црквата во Кавадарци
Утре е денот кој кавадарчани го чекаат веќе 170 години, имајќи предвид дека пред толку години последен пат се осветувала црква во Кавадарци. Имено утре со почеток во 8 часот ќе се осветува новата црква „Света Преподобна Параскева-Петка“ во Кавадарци.
Со самиот чин на осветување ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на Митрополитот на Повардарската Епархија г. Агатангел, како и митрополитите г. Иларион и г. Петар, по што ќе следува и свечена литургија, а настанот ќе заврши согласно верските традиции со свечена трпеза на љубовта.
Земајќи ја предвид верската, како и културната и историска важност на овој настан, поканети се сите верници од цела Македонија и се очекува голема граѓанска посетеност, како и присуство на бројни високи преставници од политичкиот и деловниот врв.
Самата црква е карактеристична по начинот на изградба, рачно градена од клесан камен, односно запазениот архитектурен и уметнички правец, кој соодвествува на најубавите цркви од периодот на 14ти, 15ти и 16ти век, црквите градени во византискиот период, кои припаѓаат во периодот на процвет на христијанската религија, не само во верска смисла туку период кој се одликува со уметничко богатство во архитектурата, иконографијата и фрескоживописувањето.
Позади овој проект стојат ктиторите ФЕНИ Индустри, Општина Кавадарци, Кожувчанка и Градба промет, како и уште бројни други донатори, фирми и граѓани од Кавадарци и Македонија, а со благослов и духовно водство на Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Ктиторите овој проект го објаснуваат како дел од нивната стратешка определба за општествена одговорност, односно одговорноста за подршка на заедницата во која припаѓаат.
