Утре јавен собир ,,Обвинителе многу работа ве чека”
Граѓанската организација ,,АЈДЕ” ги повикува сите граѓани да дојдат на јавниот собир утре во 18 часот пред Собранието на Република Македонија за да му изразат поддршка на специјалниот обвинител, но и да му ги кажат нивните очекувања.
Утре е краен рок за избор на специјалниот јавен обвинител, а граѓаните ќе го пречекаат со мотото на собирот ,, Обвинителе многу работа ве чека”.
,,Ние, граѓаните на Република Македонија целосно сме посветени и истрајни во битката за правда, слобода и демократија. Ова треба да му биде јасно на специјалниот јавен обвинител. Непоколебливо и цврсто ќе ја поддржиме неговата работа, зашто очекуваме премиерот во оставка и неговите соработници, што побрзо да се најдат на обвинителна клупа и да одговараат за сите криминали и злосторства направени во изминатите девет години” стои во повикот од АЈДЕ.
Од организацијата велат дека очекуваат Специјалниот јавен обвинител и неговиот тим, да работат целосно независно, професионално, компетентно и ефикасно и да ги процесираат во најкус можен рок криминалите на власта.
-Оваа власт мора да одговара за своите криминали и злосторства и тоа претставува врвен национален интерес! НЕМА ПРАВДА – НЕМА МИР!, стои во јавниот повик за граѓанскиот собир.
Преговорите меѓу работните групи за специјален обвинител се уште траат и неизвесно е дали ќе се испочитува рокот. Специјалниот обвинител ќе треба да работи на аферата ,,Прислушување” и случајот ,,Пуч”.
Слично
