Утре е ден на жалост во Македонија
Владата на вечерашната вонредна седница донесе одлука 8 август да биде прогласен за ден на жалост во Македонија.
Владата прогласи кризна состојба во скопскиот и тетовскиот регион во траење од 15 дена. Ќе биде исплатен еднократен паричен надомест во висина од 300.000 денари за семејствата на загинатите граѓани.
Владата ја задолжи Дирекцијата за заштита и спасување целокупната опрема на Дирекцијата од сите региони во државата да ја стави на располагање во кризните региони, а препорача на општините кои располагаат со вакуум цистерни, истите да ги стават на располагање на град Скопје. Владата ја задолжи ДЗС веднаш да изврши ангажирање на дополнителна градежна механизација (скипови, багери и камиони) преку склучените договори за користење на градежна механизација од приватните фирми и истите веднаш да бидат пратени и ставени во функција во кризните подрачја. Владата донесе одлука за доделување нафта за потребите на ДЗС, ЈП Македонија пат, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, а беше заклучено Јавното претпријатие за државни патишта да изврши санирање на обиколницата која беше оштетена во невремето. Владата ги задолжи државните институции да делегираат лица кои ќе бидат ставени во функција на општинските комисии за проценка на штети.
Во текот на вечерта, Владата ќе одржи уште една седница на која повторно ќе биде разгледана моменталната ситуација и се очекува да бидат утврдени нови мерки и заклучоци.
