УСВОЕНО: Комерцијална банка ќе дели дивиденда од 620 денари за акција
Комерцијална банка АД Скопје го одржа своето редовно Годишно собрание, на кое акционерите кои поседуваат 54 отсто од акциите со право на глас учествуваа и гласаа преку писмена кореспонденција, a со цел почитување на мерките за спречување на ширење на COVID-19, соопштија денеска од банката.
Акционерите потврдиле дека Банката ја заврши 2021 година со бруто-добивка во износ од 2.504,6 милиони денари. По пресметување на данокот на добивка од 200,2 милиони денари, нето-добивката на Банката изнесува 2.304,4 милиони денари.
„Акционерите на Банката донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 2.304,4 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 62 отсто од номиналната вредност на акцијата, односно по 620 денари за една акција. Исплатата на дивидендата ќе започне на 27.04.2022 година, стои во соопштението.
Заради зголемување на вкупниот капитал и на книговодствената вредност на акциите на Банката, акционерите одлучиле 671,3 милиони денари од добивката да се издвојат во резерви. Дел од добивката, односно 220 милиони денари се распределуваат во задржана добивка за инвестициски вложувања во 2022 година, која исто така го зголемува вкупниот капитал на Банката.
Собранието ги усвои финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, Годишната сметка на Банката и Консолидираната годишна сметка на Банката за 2021 година, како и Годишниот извештај за работењето на Банката во 2021 година.
