Усвоена уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила
Владата денеска ја усвои Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила со која следната година ќе следува двојно повисок данок за дизелашите отколку за бензинците.
Од министерството за финансии претходно наведоа дека возилата со вредност до 10.000 евра и емисија на ЦО2 од 130 грама на километар, ако возат на бензин, ќе подлежат на данок од 6.500 денари, додека за дизелашите данокот ќе биде двојно поголем или 13 илјади денари.
Возилата ќе се даночат според еколошката категорија. Од први јануари, за возила до 10.000 евра вредност, износот на данок ќе се пресметува само според емисијата на ЦО2. Разликата во еколошката категорија на возилата ќе се отслика во висината на данокот и кога станува збор за возила со дизел и бензински мотори. Возило со иста вредност и иста емисија на ЦО2, ако е со бензински мотор ќе плати помал данок. На пример, за сите возила со вредност до 10.000 евра и емисија на ЦО2 од 130 грама на километар, ако се со бензински мотор данокот ќе изнесува 6.500 денари а ако моторот е дизел - двојно повеќе.
Со Уредбата којашто Владата ја носи на денешната седница, се утврдува начинот на пресметка на данокот на моторните возила врз основа на два критериуми: емисија на јаглерод диоксид - ЦO2 изразен во грамови по километар и вредност на возилото. Возилата со пониска емисија на ЦO2 стануваат економски поисплатливи за набавка во однос на оние кои имаат повисока емисија на ЦO2.
Возниот парк во државата е моментов е стар меѓу 15 и 18 години. Во Буџетот за 2020 година буџетските приходи од новиот данок се очекува да бидат колку и од акцизата на возилата во 2019.
