Уставните измени влегоа во Собрание, на комисиска расправа на 15 јули
Осумте уставни измени што ги предложи Владата влегуваат во парламентарна процедура. Претседателот Трајко Вељаноски за 15 јули ја закажа седницата на матичната Комисија за уставни прашања за да ги разгледа предложение амандмани.
Целата постапка за донесување на измените во највисокиот државен акт се очекува да трае 3,5 месеци и да заврши некаде во октомври.
На пленарната седница закажана за 16 јули, пак, Собранието со двотретинско мнозинство треба да ја усвои потребата за менување на Уставот.
Нацрт-амандманите што ќе ги подготви Владата, доколку биде дадено зелено светло за менување на Уставот, треба да одат и на јавна расправа, а потоа да се вратат во Собранието на уште едно читање.
За секој амандман ќе се гласа посебно и потребно е двотретинско мнозинство за тој да помине. Меѓу измените што ги предлага Владата во Уставот се: промена на називот на НБРМ, утврдување на бракот како заедница единствено меѓу еден маж и една жена, уставно ограничување на дефицитот и задолжувањето, нови надлежности на Уставниот суд, промени во составот на Судскиот совет.
Последните измени на Уставот беа донесени на 12 април 2011 година.
Слично
