Уставните измени пред Собранието
Во секој момент во Собранието треба да започне седницата со единствена точка на дневен ред - Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија.
Пратениците ќе треба да се изјаснат за потребата за измена на највисокиот правен акт, откако Владата најави дека е подготвена да достави амандмани во осум области.
Меѓу поважните уставни измени, Владата предлага определување на бракот како заедница на еден маж и една жена, прецизирање на фискалните правила за буџетот, воведување на институтот уставна жалба, како и промена на составот на судскиот совет и на неговите надлежности.
Од вчерашната расправа во Комисијата за уставни прашања стана јасно дека власта е на граница со потребното мнозинство од 82 пратеници за да добие зелено светло со кое уставните измени ќе влезат во втора фаза.
Против измените најавија дека ќе гласаат пратениците од ДПА, затоа што со нив не се опфатени албанските барања за менување на Уставот, но од истите причини неизвесна е поддршката и од пратеникот на ДУИ Хазби Лика. Освен ова, против дел од измените вчера дискутираше и Павле Трајанов, пратеник од владејачкото мнозинство. Наспроти ова, пак, позитивно за поголем дел од предложените измени се изјаснила единствената опозициска пратеничка Роза Топузова-Каревска. Најголем дел од опозицијата и натаму бојкотира и е надвор од законодавниот дом.
Слично
