Уставниот суд не отвори постапка за нерезидентните пензионери
Уставниот суд не отвори постапка за нерезидентните пензионери, стопирана e иницијативата за измените на Кривичниот законик.
Уставниот суд денеска одлучи да не поведе постапка за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што се однесуваат на нерезидентните пензионери. Со овие измени е предвидено зголемувањата на пензиите од 2024 година да не им се исплаќаат на пензионерите кои живеат надвор од државата.
„Петмина подносители поднесоа иницијативи со кои бараа оценка на уставноста, повикувајќи се на можна дискриминација и повреда на стекнатите права, но мнозинството судии оцени дека нема основ за поведување постапка“, информираше претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Судијата известител Осман Кадриу, кој се изјаснил во корист на поведување постапка, образложи дека спорните одредби создаваат нееднаков третман меѓу пензионерите кои живеат во земјата и оние што престојуваат во странство.
„Неважно е дали пензионерите живеат во нашата држава или во друга, тие правото на пензија треба да го остваруваат вклучувајќи ги сите зголемувања. Со овие одредби кои се проблематизираат навистина застанавме на стојалиште дека на нашите пензионери надвор од државава им се скратува правото на зголемувањето на пензите и сите усогласувања“, нагласи Кадриу, додавајќи дека одредбите се спротивни на уставните принципи за еднаквост, забрана на дискриминација и социјална правда, како и на Европската конвенција за човекови права.
Според Костадиновски, мнозинството судии сметало дека пензионерите се наоѓаат во иста правна, но различна фактичка положба, поради што не постои повреда на член 9 од Уставот.
„Ова е социјална, временска мерка за ублажување на инфлацијата и трошоците за живот во земјата, надградба на стечените права, а не нивно задирање“, објасни претседателот на Уставниот суд, нагласувајќи дека по истекот на периодот законското усогласување на пензиите повторно ќе важи за сите.
Во однос на измените на Кривичниот законик, Костадиновски упати критики кон законодавната власт поради непочитување на рок утврден од Судот.
