Економија, финансии, бизнис

Контакт

УСТАВНИОТ СУД ГИ ИЗРАДУВА СИНДИКАТИТЕ И ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ - ќе ја оценува уставноста на членот 12 од законот со кој „Бехтел и Енка“ ќе гради патишта

УСТАВНИОТ СУД ГИ ИЗРАДУВА СИНДИКАТИТЕ И ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ - ќе ја оценува уставноста на членот 12 од законот со кој „Бехтел и Енка“ ќе гради патишта

Уставниот суд ги израдува синдикатите и граѓанските здруженија. 

Денеска мнозинството уставни судии одлучија да поведат постапка за оценување на уставноста на член 12 од законот со кој „Бехтел и Енка“ се номинира за стратешки партнер за изградба на дел од Коридорите 8 и 10 во земјава. 

Како што е познато, оспорениот член 12, меѓу другото, се однесува на „просек 60 часа работа неделно во текот на годината“, а е опфатен во предмет поврзан со изградба на инфраструктурните Коридор 8 и Коридор 10.

„Ве известуваме дека Уставниот суд по расправата на денешната седница одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на член 12 од  Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението од Уставниот суд. 

Како што веќе вчера објавивме, подносители на иницијативата се ССМ, претставуван од претседателот Дарко Димовски и СГИПРМ претставуван од претседателот Иван Пешевски, како и Здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ Штип, претставувано од  Кристина Ампева.

Според наводите на подносителите на иницијативата ССМ и СГИПРМ, оспорениот член 12 од Законот бил во спротивност со членот 8, членот 9, членот 32, членот 34 и членот 35 од Уставот на Република Северна Македонија; член 4, член 116 и член 117 од Законот за работните односи; член 36 став 2 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, како и со член 2 од Законот за ратификација на Конвенцијата за трудови клаузули (јавни договори) 1949, од причина што во оспорениот член се предвидувало дека стратешкиот парнер имал целосно право да го организира и распоредува работното време на работниците кои ќе биле ангажирани на проектот, со можност работното време за секој поединечен работник во просек да трае 60 часа неделно во текот на годината. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека доколку се применувал оспорениот член 12 од Законот, ќе се нарушел принципот на еднаквост на граѓаните и работниците утврден во членот 9 од Уставот во однос на остварување на нивните права и обврски коишто произлегувале од работниот однос и исто така, оспорениот член 12 од Законот доведувал до различно уредување на исти права на работниците, а таа нееднаквост на работниците создавала правна несигурност и повреда на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Според наводите на иницијативата на Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“, оспорената одредба од член 12 од Законот не била во согласност со членот 32 од Уставот, со членот 116 од Законот за работните односи, Конвенцијата бр.14 за неделен одмор (во индустријата) 1921, ратификувана 17.11.1991 год. и Конвенцијата за неделен одмор (трговија и канцеларии 1957), (бр.106), од причина што наведената одредба се косела со уставните и законските норми што го уредувале правото на неделен одмор на работниците. Според подносителот, оспорената одредба била правно неиздржана, бидејќи нејзината формулација имала „во просек 60 часа неделно во текот на годината“, што предизвикувало правна несигурност и била во спротивност на уставните и законските норми коишто го регулираат работното време на работниците и правото на неделен одмор. Mеѓу другото, во наводите на иницијативата се наведува дека формулацијата „просек 60 часа неделно во текот на годината“ во членот 12 од Законот, создавала правна несигурност, од причини што ваквата формулација можела да значи (хипотетички) дека работникот можел да работи и до 100 или 150 часа неделно, со што ваквата формулација е нејасна, конфузна и создавала можност за големи злоупотреби на целокупната позитивна законска регулатива и кршење на човековите и работничките права што било спротивно на Уставот, Законот за работните односи и Конвенциите на Меѓународната организација на трудот кои Републиката ги има ратификувано.

Слично

Поврзани вести